АИ ВЛЕГУВА ВО УСТАВОТ НА ГРЦИЈА Мицотакис отвора измени, потребни се 200 гласа

Грчката Влада предлага сериозни уставни промени, од заштита на граѓаните од ризиците на вештачката интелигенција, до нови правила за судството, даноците и изборите. Кирјакос Мицотакис вели дека земјата мора институционално да ги искорени слабостите до 2030 година.

147

Грчката Влада отвора голема ревизија на Уставот. На пратениците од владејачката Нова демократија денеска им беа доставени предлози за измени на 30 уставни члена.

Во фокусот се вештачката интелигенција(АИ), судските реформи, даночниот систем и државната администрација.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис посебно се осврна на вештачката интелигенција.

– Нашата партија и јас лично веќе со години зборуваме за вештачката интелигенција, имајќи план, предлози, а сега и многу смел предлог за тоа како уставно да се гарантира заштитата на граѓаните од негативните последици на вештачката интелигенција – изјави Мицотакис.

Тој порача дека новиот Устав треба да одговара на барањата на современа правна држава.

Меѓу предложените измени се:

  • забрана за ретроактивни даноци
  • оценување на државните службеници
  • шестгодишен мандат за претседателот
  • ограничување на улогата на Парламентот во истрагите против министри
  • избор на судско раководство преку парламентарна комисија

Се предлага и проширување на гласањето по пошта, како и намалување на старосната граница за кандидирање на избори од 25 на 21 година.

Мицотакис изјави дека Нова демократија не е само гарант на стабилност, туку и сила што може да носи крупни пресврти.

– Не сме само сила на стабилност. Имаме докажано дека, кога сакаме, можеме да бидеме и сила на пресврт и промени – порача грчкиот премиер.

За промена на Уставот во грчкиот Парламент е потребно двотретинско мнозинство, односно поддршка од најмалку 200 пратеници.

Владејачката Нова демократија има 156 пратеници, што значи дека ќе мора да бара поддршка и од опозицијата.

Поврзани содржини