ЈА ТЕПАЛ И ДАВЕЛ СОПРУГАТА ПРЕД ЌЕРКАТА, УСПЕАЛА ДА СЕ СКРИЕ КАЈ СОСЕТКАТА Поднесено обвинение за обезбедувачот на премиерот

Обвинителството предложи да се продолжи мерката притвор поради постоење околности што укажуваат на опасност од бегство и можност обвинетиот да стане недостапен на органите на прогонот, како и поради постоење реални околности дека може да го повтори делото.

51

Основното јавно обвинителство поднесе обвинителен предлог против припадник на обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски, поради сторено кривично дело „телесна повреда“.

Предлогот е поднесен од Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.

Според наводите во обвинителниот предлог, обвинетиот, по претходна вербална расправија во семејниот дом, физички ја нападнал оштетената, удирајќи ја по лицето и главата пред нивната малолетна ќерка, по што ја фатил за вратот и почнал да ја дави. Со дејствијата на обвинетиот, на оштетената ѝ биле нанесени телесни повреди и предизвикана психичка вознемиреност.

Оштетената успеала да се засолни во тоалет, а подоцна, додека со детето се обидувала да го напушти домот, обвинетиот ѝ го одзел и оштетил нејзиниот мобилен телефон. Заедно со ќерката побарале помош кај сосетка, која ги примила во својот дом.

Со обвинителниот предлог е доставен и предлог за продолжување на мерката притвор поради постоење околности што укажуваат на опасност од бегство и можност обвинетиот да стане недостапен на органите на прогонот, како и поради постоење реални околности дека може да го повтори делото. При тоа е земено предвид дека обвинетиот живее во заеднички семеен дом со оштетената и нивната малолетна ќерка, пред чии очи било извршено насилството.

Поврзани содржини