МАКЕДОНИЈА ПОД СНЕЖНА ПОКРИВКА Доаѓа голем студ со кочан утра до минус 18 степени
Најголема снежна покривка утрово во 7 часот е измерена во Крушево, 27 сантиметри. Во Тетово има снежна покривка од 10 сантиметри, во Берово и во Битола 5 сантиметри, во Крива Паланка 4 сантиметри, а во Скопје 1 сантиметар.
Голем дел од Македонија утрово осамна под снежна покривка. Снегот ќе вее и во текот на денениот ден, а според предупредувањето од Управата за хидрометеоролошки работи, наместа се очекува во пообилни количини. УХМР за денеска издаде жолт метеоаларм за снежни врнежи за целата територија на Македонија.
Најголема снежна покривка утрово во 7 часот е измерена во Крушево, 27 сантиметри. Во Тетово има снежна покривка од 10 сантиметри, во Берово и во Битола 5 сантиметри, во Крива Паланка 4 сантиметри, а во Скопје 1 сантиметар.
Времето денеска ќе биде облачно со повремени локални врнежи претежно од снег, а во пониските места долж Повардарието од дожд и снег. Кон крајот на денот врнежите ќе престанат. Ќе дува умерен ветер од северен правец, кој наместа долж Повардарието повремено ќе засилува.
Во Скопје ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 2 степена.
Од утре па во текот на новата работна седмица времето ќе биде стабилно и многу студено. Утринските температури скоро секаде ќе бидат под нулата. На некои места утринската ќе се симне и до минус 18 степени. Наместа ќе има појава на магла. Ќе дува слаб, повремено умерен ветер од северен правец.

Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта „Македонија пат“ ја информира јавноста дека сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози.
Екипите на „Македонија пат“ целосно се мобилизирани и во изминатото деноноќие со сите расположливи човечки и технички ресурси во континуитет работат на терен за да се обезбедат непречени услови за безбедно одвивање на сообраќајот.
„Нашите екипи континуирано ја следат состојбата на патиштата и со максимална ангажираност се работи на терен на навремено расчистување, одржување и обезбедување на проодноста на патните правци, посебно на планинските превои. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да покажат дополнителна внимателност и одговорност при управувањето со своите возила. Препорачуваме прилагодена брзина на движење согласно условите на патиштата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата особено во услови на намалена видливост. Потсетуваме на задолжително поседување на зимска опрема во возилата“, се вели во соопштението на препријатието.