ТРАМП НЕ ПЛАНИРА НОВИ НАПАДИ ВРЗ ИРАН Економскиот притисок дава резултати, воена акција не е неопходна
Немаме потреба да вршиме воени напади доколку истата цел ја постигнуваме со економски средства и економски притисок. Иран никогаш досега не се соочил со толку голема неможност за продажба на енергенси на глобалниот пазар како денес, рече американскиот државен секретар, Марко Рубио.
Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска изјави дека им порачал на сојузниците од групата Г7 дека американските економски санкции и поморската блокада даваат толку добри резултати што претседателот Доналд Трамп нема потреба од водење поголеми борбени операции во Иран.
Обраќајќи им се на новинарите во Париз, по дводневниот состанок со сојузниците од Г7, Рубио повеќе пати ги отфрли тврдењата дека откажувањето од воена акција би значело пат-позиција или задржување на статусот кво.
– Економската штета што во моментов му се нанесува на Иран е исклучително голема и продолжува да расте. Со секој изминат ден е сè поголема – рече Рубио, додавајќи дека Трамп добил потврда за таквата процена и од регионалните сојузници на Блискиот Исток.
Трамп вчера изјави дека планира на неодредено да ги одложи воените напади врз Иран, по апелите од земјите од регионот, вклучувајќи ги и разговорите со катарскиот премиер во Белата куќа.
– Немаме потреба да вршиме воени напади доколку истата цел ја постигнуваме со економски средства и економски притисок. Тоа не е пат-позиција. Иран никогаш досега не се соочил со толку голема неможност за продажба на енергенси на глобалниот пазар како денес – изјави Рубио.