ПОВЕЌЕ ОД 72.000 РАБОТНИЦИ НЕ ЈА ДОБИЛЕ СЕПТЕМВРИСКАТА ПЛАТА Управата за јавни приходи апелира компаниите да ги почитуваат законските рокови

Обврска за исплата на плата во септември имале вкупно 74.782 работодавачи, за 553.040 работници, а до законскиот рок, 15 октомври, обврската ја исполниле 49.439 работодавачи, односно 66,11% од вкупниот број.

1

Вкупно 72.037 работници не ја добиле септемвриската плата во законскиот рок, а за нив не биле платени и придонесите, информира Управата за јавни приходи (УЈП).

Според податоците на УЈП, законската обврска за исплата на плати не ја исполниле 25.343 работодавачи од вкупно 74.782 работодавачи кои имале обврска да исплатат плата на 553.040 работници. До законскиот рок, 15 октомври, обврската ја исполниле 49.439 работодавачи, односно 66,11% од вкупниот број.






Според УЈП, до 15 октомври социјалните придонеси биле платени за 481.003 вработени лица, што претставува 86,97% од вкупниот број вработени за кои постоела обврска.

УЈП информира дека компаниите исто така, навреме не го пријавуваат и плаќаат данокот на додадена вредност (ДДВ).

До законскиот рок за поднесување на ДДВ-пријавите, пријави поднеле 98,5% од регистрираните месечни ДДВ-обврзници и 97% од тримесечните обврзници.

Данокот го пријавиле 21.061 даночен обврзник, а износот е  5,57 милијарди денари. Од нив, само 12.676 обврзници, односно 60,2%, ја исполниле обврската во законскиот рок. Тие уплатиле  2,54 милијарди денари, што претставува 45,6% од вкупно пријавениот долг.

Тоа значи дека околу 3,04 милијарди денари пријавен ДДВ останале неплатени во законскиот рок, односно приближно 49,4 милиони евра.

Истовремено, 8.385 даночни обврзници не ја исполниле навреме обврската за плаќање на пријавениот ДДВ.

Управата за јавни приходи потсетува дека за неисполнување на даночните обврски во законскиот рок се применуваат мерките предвидени со закон.

За неподнесена даночна пријава може да биде изречена глоба, додека за неплатениот даночен долг може да се спроведе постапка за присилна наплата.

Поврзани содржини