СПОРЕД ТРАМП, ЕДНА ДРЖАВА БРЗО ЌЕ ПРОПАДНЕ „Ќе им помогнеме од хуманитарни причини“

Предвидувањето на Трамп доаѓа додека островот се соочува со недостиг на гориво, долготрајни прекини на струјата и засилен притисок од Вашингтон.Тој ја нарече Куба пропадната држава и ја спореди нејзината идеологија со политиката на демократите. 

0

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека очекува кубанскиот режим наскоро да падне, оценувајќи дека состојбата во островската држава станува неодржлива. На прес-конференција во Белата куќа тој ја нарече Куба пропадната нација и најави дека Вашингтон ќе продолжи да му помага на кубанското население од хуманитарни причини.

– Куба пропаѓа. Тоа е пропадната нација. Има идеологија многу слична на идеологијата на демократите. Тоа е комунистичка, социјалистичка држава, сè споено во едно – изјави Трамп, одговарајќи на новинарско прашање дали сè уште има намера да ја преземе Куба за време на својот мандат.






Американскиот претседател не даде директен одговор дали планира преземање на островот, но го повтори своето предвидување за пад на кубанските власти.

– Ќе им помогнеме од хуманитарни причини. Всушност, веќе им помагаме, но ќе видиме што ќе се случи. Куба ќе биде интересна. Претпоставувам дека ќе падне прилично брзо – рече Трамп.

Тој ги спомена и американските граѓани со кубанско потекло, тврдејќи дека биле лошо третирани и дека 94 проценти од нив гласале за него. За оваа бројка не понуди дополнителни податоци.

Изјавата доаѓа по неколкумесечните најави на Трамп дека американските воени сили би можеле да го засилат притисокот врз Куба по завршувањето на операциите против Иран.

Претседателот претходно спомена можност американските носачи на авиони што се враќаат од Блискиот Исток да се приближат до кубанскиот брег.

Економската криза во Куба дополнително се продлабочи по американската воена операција во Венецуела во јануари, во која беше заробен претседателот Николас Мадуро.

Прекинот на венецуелските испораки на нафта ја погоди Куба, која со години зависеше од енергетската поддршка на Каракас.

Недостигот на гориво дополнително ја оптовари застарената електроенергетска мрежа. Во повеќе делови од земјата прекините на струјата траат со часови, а во одредени области и подолго од еден ден.

Проблемите со електричната енергија го отежнуваат снабдувањето со вода, чувањето храна и работата на здравствените установи.

Американската администрација во последните месеци го засили економскиот притисок врз Хавана, вклучително и со нови санкции против компании што, според Вашингтон, ѝ обезбедуваат опрема на кубанската влада.

Кубанскиот претседател Мигел Дијас-Канел претходно ги отфрли американските притисоци и порача дека земјата ќе го брани својот суверенитет.

Поврзани содржини