ПОЧНУВААТ КЛУЧНИ ПРЕГОВОРИ ЗА КРАЈ НА ВОЈНАТА ВО УКРАИНА Во Абу Даби пристигнаа и европски претставници, но нема да учествуваат

Украинската делегација ќе се состанува одделно со своите европски сојузници, чии претставници исто така се во Абу Даби, и ќе ги информира за напредокот на разговорите. Американските преговарачи веруваат дека Зеленски и Путин можеби се подготвени да направат компромис по клучното прашање за територијата.

1

Претставници на Русија и Украина, со посредство на САД, ќе се сретнат денеска во Абу Даби, главниот град на Обединетите Арапски Емирати, на дводневни разговори, што се први директни контакти меѓу двете земји од февруари годинава, објавија британските медиуми.

Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела посочи дека е можен широк мировен договор за завршување на војната, што би можел да ја инкорпорира и европската безбедност.






Франција, Германија и Европската комисија испратија претставници на разговорите во ОАЕ, но Русија јасно стави до знаење дека не сака Европејците да учествуваат во нив.

Наместо тоа, украинската делегација ќе се состане одделно со нив за да ги информира своите европски сојузници за напредокот на разговорите, кои започнаа во 10:30 часот по локално време (6:30 часот по Гринич), изјавија властите во Киев.

– Правиме сè за да осигуриме дека Европа е учесник во дипломатскиот процес – изјави вчера шефот на украинската делегација во разговорите, Рустем Умеров.

Предводена повторно од помошникот на Кремљ, Владимир Медински, како главен преговарач, руската делегација за првпат ги вклучува заменик-министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков, како и генерал-потполковник Јуриј Жигарловски од Генералштабот на руската армија.

По личната средба со претставникот на рускиот претседател Владимир Путин во Белата куќа минатата недела, Трамп предвиде дека наскоро може да се постигне мировен договор.

Нема јавен знак дека Путин е подготвен да се повлече од неговото инсистирање Украина да го предаде целиот источен регион Донбас пред да се постигне мировен договор.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, исто така, цврсто одбива да отстапи територија за чија одбрана, како што повеќепати кажа, „загинаа украински војници“.

Во пресрет на разговорите, Зеленски рече дека позицијата на Украина во разговорите се зајакнува со нејзините неодамнешни успеси на бојното поле, кои вклучуваат враќање на дел од територијата во богатиот со јаглен регион Донбас. Зеленски во видео обраќање синоќа го повика Вашингтон да го убеди Кремљ да ја заврши војната.

Американските преговарачи веруваат дека Зеленски и Путин можеби се подготвени да направат компромис по клучното прашање за територијата, при што секој ќе се откаже по малку, изјави американски функционер.

Според предложениот договор, Украина ќе добие мировен договор, безбедносни гаранции и мапа на патот за членство во ЕУ.

Висок украински функционер категорично негираше дека неговата влада разгледува такви отстапки.

– Прашањето за територијата може да се дискутира само на ниво на лидери и само во контекст на соодветни гаранции за безбедноста на Украина – изјавил украинскиот претставник.

Минатата недела, Трамп рече дека пратениците разговарале за поширок безбедносен договор што би можел да ја вклучи цела Европа, без да даде дополнителни детали.

„Тоа би било голема работа и би се протегало подалеку од Украина“, рече американскиот претседател.

Поврзани содржини