А КАКО Е УТВРДЕНО ДЕКА УБИЕЦОТ ВО КРАКОВ Е ИНСПИРИРАН ОД КРАЈНО ДЕСНИЧАРСКИТЕ ИДЕЛОЛОГИИ? Според Качински, тоа се бесрамни лаги

Досега малку се знае за напаѓачот Михал Окинки за кој министерот за внатрешни работи рече дека бил фасциниран од крајно десничарските идеологии, а подоцна тврдењата беа ублажени, додека се разви сè пожестока политичка дебата околу можниот мотив за нападот во кој беа убиени 6 луѓе.

0

Во Полска се развива жестока политичка расправа за мотивот на напаѓачот Михал Окинки, кој во саботата со полуавтоматска пушка уби 6 луѓе на Главниот плоштад во Краков, а рани 15.

24-годишниот Оксински денеска почина во болница, откако беше ранет од полицијата за време на масакрот. Пред нападот тој ги убил сестрата, мајката и таткото во семејната куќа во Островјец Свјетокржиски, околу 145 километри североисточно од Краков.






Досега малку се знае за напаѓачот. Министерот за внатрешни работи Марчин Киервински рече дека тој користел автоматска пушка во нападот и бил „фасциниран од крајно десничарските идеологии“.

Сепак, службениците подоцна ги ублажија тие тврдења, додека се разви сè пожестока политичка дебата околу можниот мотив за нападот. Националистичката опозиција ја доведе во прашање основата врз која е утврден можниот мотив. Лидерот на партијата „Право и правда“, Јарослав Качински, ги нарече тврдењата за крајно десничарска мотивација „бесрамни лаги“.

Портпаролот на Канцеларијата на државниот обвинител, Пшемислав Новак, на денешната прес-конференција изјави дека истражителите сè уште не знаат што го мотивирало убиецот. Тој откри дека во собата на напаѓачот е пронајдено жолто знаме со змија и зборовите „Не гази по мене“, познато како знамето Гадсден.

Фото: Принтскрин

Ова знаме првпат се користело за време на Американската револуција во 18. век. Новак објасни дека е поврзано со „различни значења поврзани со слободата или со бунтот“, но не е општо познато како симбол на која било форма на екстремизам.

Портпаролката на Министерството за внатрешни работи, Каролина Галецка, изјави дека на облеката на сторителот се пронајдени голем број различни симболи, кои веќе се делумно анализирани и протолкувани.

Владини претставници денес дополнително се дистанцираа од претходните шпекулации за крајно десничарски мотив.

– Додека случајот не се разјасни целосно и властите не ги имаат сите информации, најдобро е да се воздржите од коментари, дури и ако има некои почетни индикации – изјави владиниот портпарол Адам Шлапка.

Министерот за правда, Валдемар Журек, изјави дека истрагата ќе продолжи и покрај смртта на напаѓачот. Целта е да се утврди дали дејствувал сам или бил инспириран од група.

– Се собираат докази, но нема да ги покажам или откријам. Ве молам за воздржаност – изјави Журек.

Властите веруваат дека напаѓачот ги убил членовите на своето семејство пред да замине за Краков, веројатно додека спиеле. Во семејната куќа се пронајдени 7 огнени оружја, со што вкупниот број пронајдени оружја се искачи на 11, објави обвинителството. Уште 4, вклучувајќи 2 полуавтоматски пушки AR-15, се пронајдени кај напаѓачот и во неговиот автомобил во Краков.

Обвинителите наведуваат дека за време на нападот биле испукани десетици, а можеби и стотици куршуми. Напаѓачот и неговиот татко имале дозволи за поседување оружје. Напаѓачот се обучувал во локален стрелачки клуб, кој соопшти дека Окинки никогаш не добил обука за динамичко, тактичко или борбено стрелање во нивниот клуб.

Четири жени и двајца мажи беа убиени во пукотницата. Според властите, трите жени и еден маж се полски државјани, а меѓу загинатите се маж од Обединетото Кралство и жена од Австрија. Двајцата полицајци кои го запреле напаѓачот, чии постапки властите ги опишаа како херојски, сè уште се во болница.

Пет странски државјани од Обединетото Кралство, Португалија, Русија, Германија и Австрија се меѓу повредените.

Нападот се случи во еден од најпознатите туристички и трговски центри во Краков, кој го посетуваат голем број туристи секој ден.

Полска никогаш не доживеала масовно пукање од ваков обем. Сцените со крв и тела расфрлани низ историскиот центар на една од нејзините најпопуларни туристички дестинации ја шокираа земјата која долго време се сметаше за побезбедна од своите западноевропски соседи, кои се соочија со слични напади.

 

ПОЧИНА МАСОВНИОТ УБИЕЦ ОД КРАКОВ Пред нападот на плоштадот ги убил и родителите и сестра си

Поврзани содржини