МАЛА ДНЕВНА ПОРЦИЈА, ГОЛЕМА КОРИСТ ЗА СРЦЕТО Само една шака јаткасти плодови на ден е поврзана со 26 отсто помал ризик од висок притисок

Една мала шака јаткасти плодови дневно е поврзана со 26 отсто помал ризик од висок крвен притисок, покажува нова научна анализа.

2

Бадеми, ореви, ф’стаци, лешници или кикиритки – изборот е ваш. Ново научно истражување покажува дека луѓето што секојдневно јадат околу 30 грама јаткасти плодови имаат помал ризик од развој на висок крвен притисок. Најголемата забележана корист била поврзана со една мала шака дневно, односно приближно 30 до 35 грама.

Истражувањето, објавено во научното списание „British Journal of Nutrition“, опфатило податоци од осум долгорочни студии со вкупно 143.380 учесници, од кои 20.665 имале хипертензија. Научниците ја анализирале поврзаноста меѓу консумирањето јаткасти плодови и ризикот од висок крвен притисок. Според резултатите, внесувањето околу 30 грама дневно било поврзано со 26 отсто помал ризик во споредба со луѓето што воопшто не ги јаделе.






Интересно е што поголемата количина не значела и поголема корист. Најповолна поврзаност била забележана кај оние што јаделе умерена дневна порција, додека ефектот се изедначувал при поголем внес. Истражувачите нагласуваат дека станува збор за метаанализа на долгорочни набљудувачки студии, па резултатите покажуваат поврзаност, но не докажуваат дека јаткастите плодови сами по себе го спречуваат високиот притисок.

Зошто овие намирници се корисни за срцето? Богати се со незаситени масти, растителни влакна, протеини, магнезиум и калиум. Калиумот помага во регулирањето на натриумот во организмот и во опуштањето на крвните садови, додека растителните влакна придонесуваат за здравјето на цревната микрофлора. Оревите, на пример, содржат растителни омега-3 масни киселини, а бадемите и ф’стаците се добар извор на магнезиум и калиум.

Нутриционистите советуваат да се избираат несолени јаткасти плодови и да се комбинираат различни видови, наместо да се бара една „супернамирница“. Може да се јадат самостојно како ужина, да се додадат во овесна каша или да се посипат врз салата. Важно е порцијата да биде умерена, бидејќи иако се хранливи, јаткастите плодови се калорични.

Сепак, една шака не е замена за здрав начин на живот, ниту за лековите кај луѓето на кои им е потребна терапија. За одржување нормален крвен притисок важни се и намалувањето на солта, разновидната исхрана богата со овошје и зеленчук, редовната физичка активност, одржувањето здрава телесна тежина, квалитетниот сон и избегнувањето цигари. Научниците потсетуваат дека малите, но постојани промени во секојдневните навики можат да придонесат за подобро кардиоваскуларно здравје.

Поврзани содржини