БРАТОТ НА ОРБАН ПРИВЕДЕН ЗА ТРГОВИЈА СО ЛУЃЕ Веста за големата полициска акција ја сподели Маѓар
Името на Арон Орбан претходно се поврзуваше со случај во кој неговата компанија запишувала виетнамски државјани на дводневни курсеви за спасување животи на Универзитетот во Печуј. Постои сомневање дека курсевите биле користени за да им се олесни добивањето шенгенски визи на странските државјани.
Братот на поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан, Арон Орбан, е осомничен за трговија со луѓе и, според медиумските извештаи, е приведен во голема полициска акција во Унгарија. Информацијата денеска ја објави унгарскиот премиер Петер Маѓар, повикувајќи се на пишувањата во печатот.
„Според извештаите во печатот, братот на Виктор Орбан, Арон Орбан, е приведен под сомнение за трговија со луѓе. NVVH и Националното биро за истраги ја продолжуваат истрагата“, напиша Маѓар на Фејсбук.
Според унгарскиот портал „Портфолио“, Националната канцеларија за враќање и заштита на средства (NVVH) и Националното биро за истраги (NNI) утрово спровеле заедничка операција во Будимпешта и на повеќе локации во округот Пешта.
Полицијата уапсила неколку лица во рамките на две паралелни кривични постапки и извршила претреси во нивните домови. Властите засега не потврдиле јавно дека Арон Орбан е меѓу приведените, но медиумите наведуваат дека би можел да биде опфатен со акцијата.
Името на Арон Орбан претходно се поврзуваше со случај во кој неговата компанија запишувала виетнамски државјани на дводневни курсеви за спасување животи на Универзитетот во Печуј.
Според претходните медиумски информации, постои сомневање дека курсевите биле користени за да им се олесни добивањето шенгенски визи на странските државјани.
„Портфолио“ објави и дека Арон Орбан наводно интервенирал во одделен случај за да ја забрза обработката на барањата за визи.
Унгарските власти најавиле дополнителни информации за полициската операција во текот на попладнето.