🎥 БОГОЈЕСКИ ВИДЕ „ХИСТЕРИЧНИ КУЧКАРКИ“ И „КОМУНИСТИЧКА ЛЕВИЧАРСКА БАГРА“ НА ЧЕЛО НА ПРОТЕСТИТЕ Серија шокантни навреди за поддржувачките на протестот против фемицидите

Претседателот на Македонски концепт и професор на Воената академија, Петар Богојески, повторно ја шокира јавноста со серија навреди кон жените и активистките кои вчера протестираа во Скопје против фемицидите и институционалната негрижа.

0

Само една недела по скандалозните изјави за потребата од „машки надзор“ врз жените, претседателот на Македонски концепт и професор на Воената академија, Петар Богојески, повторно ја шокира јавноста. Овојпат со серија навреди кон жените и активистките кои вчера протестираа во Скопје против фемицидите и институционалната негрижа. Во своето ново видеообраќање, Богојески ги нарече „хистерични кучкарки“, „комунистичка левичарска багра“ и „левичарска булумента“, обвинувајќи дел од демонстрантите дека се платени да протестираат.

Наместо повик за солидарност со жртвите на родово базираното насилство, Богојески своето обраќање го започнува со навреди кон учесниците на вчерашниот протестен марш во Скопје.






„Не дека имав намера да се замарам со таа комунистичка левичарска багра, него бидејќи бев прозван десетина пати, морам да дадам, нели, некаков одговор на сето тоа“, вели Богојески.

Тој ги дели учесниците на протестот на две групи. За едните вели дека се чесни граѓани загрижени поради убиствата на девојчиња и малтретирањето жени, додека за другите користи крајно понижувачки квалификации.

„А тоа се кучкарките и оние левичарски бандити кои се платени, земаат кеш за да го прават тоа што го прават и за да дејствуваат на тој начин хистерично“, тврди Богојески, без во обраќањето да понуди докази за своите обвинувања.

Потоа продолжува со уште подиректни навреди:

„Така да, внимавајте друг пат со кого излегувате на протести и кој ви ги води тие протести. Не платеници, хистерични кучкарки, кои ништо не постигнале во животот. Само мразат тие што нешто сме направиле.“

Но, Богојески не запира тука. Тој оди дотаму што на своите политички и идеолошки противници им ја припишува одговорноста за порастот на убиствата на жени.

„Така да, имате два пата кои ги бирате. Патот на хистеричните кучкарки, левичарска булумента, која ги донесе овие убиства и која го уништи општеството, не само во Македонија, насекаде низ светот“, изјавува Богојески.

Во завршницата на обраќањето уште еднаш ги навредува жените кои протестираат, истовремено обвинувајќи ги дека заработуваат од странски фондации и амбасади.

„Доста беше од вриштење по улици на хистерични кучкарки за да заработат некој денар, по некое проектче од некоја амбасада или од некоја Сорос фондација.“

Во Скопје вчера се протестираше против убиствата на жени и институционалната неодговорност

Навредите на Богојески се однесуваат на вчерашниот протестен марш „Ниту една повеќе!“, одржан на 8 ноември во Скопје, по убиството на 17-годишната Билјана Кириќ од Богданци.

Според организаторите, девојчето претходно пријавувало насилство и закани по живот од партнерот, а биле изречени и мерки за заштита. Случајот повторно го отвори прашањето дали институциите навремено и ефикасно ги заштитуваат жртвите на семејно и родово базирано насилство.

Граѓани и активисти се собраа во паркот „Жена Борец“, по што маршираа покрај Собранието и Министерството за правда, завршувајќи го протестот пред Министерството за образование и наука.

Под мотото „Ниту една повеќе!“, учесниците побараа конкретни мерки, а не само декларативни осуди по секое ново убиство.

„Не бараме сочувство, бараме одговорност“ беше една од главните пораки на протестот.

Преку транспарентите „Не ја родив и чувам за некој да ја претепа и запали жива“, „Гневот нема да ни го земете“ и „Семејни вредности – ќотек и навреди“, демонстрантите го изразија својот револт од континуираното насилство и институционалните пропусти.

Од протестот беа упатени четири конкретни барања: утврдување одговорност и санкции за институционалните пропусти; итно усвојување законски измени за заштита од насилство; враќање на родот и родовата еднаквост во законите, програмите и образованието; како и разрешување од јавни функции на лицата кои повикуваат на контрола врз жените или го оправдуваат насилството.

Токму во момент кога демонстрантите бараат поголема заштита на жените и девојчињата, Богојески одлучи дел од нив јавно да ги дискредитира со навреди и обвинувања за наводна платеничка активност.

Богојески пред една недела тврдеше дека на жените им треба „машки надзор“

Новото обраќање на Богојески доаѓа само една недела по неговиот контроверзен настап во емисијата „Под лупа“ на ТВ Алфа, емитувана на 2 ноември.

Во дебатата со адвокатката Катерина Котеска, која ја водеше новинарката Паола Костадиновска, Богојески изнесе ставови за жените, феминизмот и семејните односи кои предизвикаа остри реакции.

„Феминизмот е тој кој жените ги направи да се однесуваат на неадекватен начин и да отфрлат каков било машки надзор“, изјави тогаш Богојески.

На прашањето кој треба да го врши тој надзор, тој посочи на сопругот, претставувајќи го надзорот како негова задача и обврска.

Особено спорна беше и неговата изјава во дискусијата за брачното неверство и реакцијата на сопругот.

„Тоа неговото не е насилство. Неговото е реакција на заштита на неговото достоинство!“, рече Богојески.

Поврзани содржини