🎥СКАПОТИЈАТА ВО ФРАНЦИЈА ПОВТОРНО ИЗНЕСЕ ИЛЈАДНИЦИ НА УЛИЦИТЕ Демонстрантите се судрија со полицијата во Париз

Демонстрантите бараат подобри економски услови, поголема поддршка за младите и мерки против поскапувањата.

11

Илјадници граѓани денеска излегоа на протести во повеќе градови низ Франција, изразувајќи го незадоволството од растот на трошоците за живот и владините политики. Според француското Министерство за внатрешни работи, на демонстрациите низ земјата учествувале околу 146.000 луѓе, додека младинските синдикални организации проценија дека бројката достигнала 250.000 демонстранти. Во Париз, според полициските податоци, на протестниот марш учествувале околу 46.000 лица, а организаторите тврдат дека биле 75.000.

Главниот протест во француската престолнина се одржа на релацијата меѓу плоштадите Република и Нација, со учество на студенти, средношколци, синдикати и други граѓани, под слоганот „За младите и против високите трошоци за живот“. Демонстрантите бараа подобри економски услови, поголема поддршка за младите и мерки против поскапувањата.






Во текот на попладнето, на плоштадот Нација избувнаа ограничени судири меѓу полицијата и група демонстранти, при што беа употребени полициски средства за растерување. Според полициските информации, група од околу 200 лица се судрила со безбедносните сили, а биле запалени и неколку канти за отпадоци.

Паралелно, движењето „Жолти елеци“ организираше посебен собир на плоштадот Конкорд во Париз, и покрај забраната од властите. Протестот беше малуброен, а полицијата ги контролираше и ги казнуваше учесниците за присуство на неовластен собир.

Демонстрации и собири беа најавени и во други градови, меѓу кои Лион, Лил, Марсеј, Бордо и Тулуза, при што некои локални власти забранија протестни активности во централните градски зони.

 

Денешните протести се четврти последователен викенд на мобилизации во Франција, во услови на растечко социјално и политичко незадоволство. Само во четвртокот, кога беше одржан национален ден на акција за повисоки плати и зачувување на куповната моќ, според Министерството за внатрешни работи учествувале 575.000 луѓе, додека синдикатите ја проценија бројката на 1,6 милиони. Движењето започна со студентски и младински барања, но се прошири кон пошироки теми – плати, пензии, здравство, образование и работни услови.

Владата распореди околу 70.000 полицајци и жандарми низ земјата за да ги обезбеди протестите. Мобилизациите се случуваат во период кога Франција се приближува кон претседателските избори, закажани за околу пет месеци, а политичката атмосфера е дополнително заострена со растот на поддршката за крајната десница. И покрај намалениот број учесници во споредба со претходните викенди, протестите остануваат значаен тест за владата и нејзиниот одговор на социјалното незадоволство.

Поврзани содржини