ПРАВОСУДНИОТ ИСПИТ САМО НА МАКЕДОНСКИ, НЕМА УСТАВНИ ИЗМЕНИ БЕЗ РЕЦИПРОЦИТЕТ Патриотизмот не се докажува со навреди, туку со дела

Нашиот став за правосудниот испит е јасен: тој треба да се полага на македонски јазик, согласно Уставот и законите. Македонскиот јазик не е предмет на политички пазарења и коалициски калкулации. ЗНАМ е подготвен за разговори со владините партнери, но нема да отстапи од своите принципи, соопшти партијата.

2

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија ги отфрла личните дисквалификации и политичките конструкции на Алијансата на Албанците и на СДСМ упатени кон претседателот Максим Димитриевски, реагираше партијата.

„Кога нема аргументи за суштината на прашањата, очигледно остануваат навредите и обидите за политичка дискредитација. Квалификацијата „патриот на батерии“ најдобро зборува за политичката култура на оние што ја употребуваат, но не и за Максим Димитриевски. Во 2017 година, пред локалните избори, Димитриевски се откажа од пратеничкиот мандат и без политички калкулации влезе во изборната битка за градоначалник на Куманово. Не си остави резервна позиција во Собранието доколку ги изгуби изборите. Наспроти тоа, дел од тогашното раководство на СДСМ, кандидати за градоначалници, ги задржаа пратеничките мандати како сигурна алтернатива“, соопшти ЗНАМ.






Токму тука е разликата во политичкиот пристап и во одговорноста, додаа ЗНАМ.

„Патриотизмот не се мери со навреди, туку со одлуки, постапки и со преземена одговорност. Нашиот став за правосудниот испит е јасен: тој треба да се полага на македонски јазик, согласно Уставот и законите. Македонскиот јазик не е предмет на политички пазарења и коалициски калкулации. ЗНАМ е подготвен за разговори со владините партнери, но нема да отстапи од своите принципи“, се вели во соопштението.

Истиот принцип, се додава, го застапуваме и во однос на евроинтеграциите.

„Македонија сака членство во Европската Унија, но не прифаќа постојани еднострани отстапки кон Бугарија без реципроцитет. Нашиот предлог за одложено дејство на уставните измени останува на маса. Очекуваме почитување на правата на Македонците во Бугарија и спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур“, се вели во сооптението.

Во однос на обвинувањата на СДСМ за наводни средби, лобирања и поврзаност со Алта банка, бараме да се соопштат конкретни докази, факти и документи, порача ЗНАМ.

„Доколку постојат докази за незаконско постапување, надлежните институции треба да постапат. Сериозни обвинувања не смеат да бидат средство за дневнополитичка пресметка. ЗНАМ не отвора прашања за македонскиот јазик за да му обезбеди алиби на кого било, туку затоа што тоа е прашање од суштинско значење за државата. А што се однесува до наводниот пад на рејтингот на ЗНАМ, потсетуваме дека во 2024 година, кога дел од аналитичарите ни предвидуваа поддршка од околу 1 процент, граѓаните ни дадоа 56.232 гласа, 5,59 проценти и 6 пратенички мандати. Тоа се официјални изборни резултати, а не нечии проценки. Според интерната анкета на Движењето ЗНАМ, актуелната поддршка за партијата е над 4,5 проценти, што одговара на приближно 50.000 до 55.000 гласови доколку изборите би се одржале денес. ЗНАМ нема да ги менува своите принципи според дневнополитичките потреби, нема да тргува со македонскиот јазик и нема да прифаќа еднострани отстапки без реципроцитет. Македонија не е предмет на политички пазар. Таа е наша одговорност и обврска. Патриотизмот се докажува со дела, со став и со подготвеност да се преземе одговорност за државните интереси“, соопшти ЗНАМ.

Поврзани содржини