СОСТАНОК ВО ВЛАДАТА ЗА РЕФОРМСКАТА АГЕНДА Институциите се координираат за успешни реформи

Продолжуваме со посветена работа на реформите кои се од суштинско значење за економскиот развој, владеењето на правото, ефикасноста на институциите и подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните, наведе премиерот ристијан Мицкоски во објава на Фејсбук.

0
Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека денеска се одржал состанок посветен на Реформската агенда, на кој биле разгледани тековните активности и спроведувањето на предвидените реформи.
Во објава на Фејсбук тој посочи дека посветеноста на реформскиот процес подразбира координиран институционален пристап, јасно утврдени цели и конкретни чекори за унапредување на функционирањето на институциите.
„Продолжуваме со посветена работа на реформите кои се од суштинско значење за економскиот развој, владеењето на правото, ефикасноста на институциите и подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните“, наведе премиерот Мицкоски во објавата.

По состанокот вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски соопшти дека реформите поврзани со европската агенда остануваат во фокусот на Владата, при што се работи на унапредување на транспортот, комуникациите и реализација на инфраструктурни проекти.

„Работна сабота – Реформите за ЕУ во фокус. Реализираме реформи за подобрување на транспортот, комуникациите, изградба на автопати, железница, реформи и инвестиции. Институциите се посветени на спроведување на реформскиот процес и развојот на државата. Посветено работиме на зајакнување на економијата и подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани“, објави Николоски.






Се огласи и министерто за здравство Сашо Клековски кој објави дека Министерството во рамки на Реформската агенда 2024-2027 спроведува две клучни мерки поврзани со политиката за дроги и усогласувањето со законодавството на Европската Унија.

„Формирана е работна група за усогласување на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции со законодавството на ЕУ, а во тек е и склучување работен аранжман со Агенцијата на ЕУ за дроги (ЕУДА)“, наведе Клековски.

Тој додаде дека Европската комисија го одобрила барањето за ТАИЕКС експертска мисија за подготовка на Национална стратегија за дроги, усогласена со Стратегијата на ЕУ за дроги.

„Мисијата ќе опфати зајакнување на Националната опсерваторија за дроги, воспоставување на системот за рано предупредување и известување кон ЕУДА“, посочи министерот.

Клековски потенцира дека вториот чекор од Реформската агенда, кој е предвиден за следната година, се однесува на усогласување на листата на психоактивни супстанции со ЕУ и воведување дефиниција за „нова психоактивна супстанција“ во законодавството.

„Ова не се само административни обврски. Функционален систем за рано предупредување значи навремено да откриеме нови опасни супстанции и побрзо да реагираме за заштита на здравјето на граѓаните“, соопшти Клековски.

Поврзани содржини