НА 60 ГОДИНИ ЈА ТЕРАЛ 80-ГОДИШНАТА МАЈКА ДА ПИТАЧИ Жената е во инвалидска количка
Осумдесетгодишната жена не можела самостојно да ги извршува секојдневните активности. Нејзиниот син ја надгледувал додека питачела, а заработените пари ги трошел за свои потреби.
Шеесетгодишен маж од Гостивар е уапсен под сомнение дека подолг период ја принудувал својата 80-годишна мајка, која се движи со инвалидска количка, да питачи, а потоа насилно ѝ ги одземал парите.
Против него е поднесена кривична пријава за трговија со луѓе, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Според полицијата, осомничениот Н.Н. во текот на 2025 и 2026 година ја искористувал зависната положба и физичката немоќ на својата мајка З.С.
„Истата се движи со инвалидска количка и не ги извршува самостојно секојдневните активности“, се наведува во соопштението на МВР.
Синот редовно ја носел на локација во Гостивар, каде што ја принудувал да питачи. Додека таа собирала пари, тој стоел во нејзина непосредна близина.
„Ја надгледувал и контролирал нејзината активност“, наведува полицијата.
Парите што ги собирала жената не останувале кај неа.
„Насилно и на дрзок начин ѝ ги одземал паричните средства, кои потоа ги користел за свои потреби“, соопшти МВР.
Полицијата на 6 ноември, по наредба од Основниот кривичен суд Скопје, извршила претрес во домот и во други простории што ги користел осомничениот во Гостивар, при што тој бил уапсен.
При претресот биле пронајдени и привремено одземени мобилни телефони и пари.