Отпор против женски прави во и надвор од ЕУ

Со новиот Патоказ, Европската комисија ја потврдува и засилува својата посветеност на понатамошно јакнење на положбата на жените и девојките и целосно промовирање на родовата еднаквост во Европа, но и на глобално ниво. Доколку се доведуваaт во прашање правата на жените, истовремено се доведува во прашање и напредокот во општеството. „Родовата еднаквост треба да биде природна како воздухот што го дишеме“.

44

Лидери на шест од вкупно осум партии застапени во Шведскиот парламент-Риксдаг се жени. Во Норвешка на чело на шест од вкупно девет парламентарни партии се исто така жени. Гледано во целина, во нордискиот регион во Северна Европа, вклучувајќи ги и Данска, Финска и Исланд, лидерските позиции во околу 50 проценти од парламентарните партии им се доверени на жени. Тешко би можело да се поверува дека меѓу нив би можела да помине каква било дебата за тоа дека нивниот успех можеби не би бил остварлив без „машки надзор“ врз нив. И без цврсто раководење од машка рака.

Ни најмалку не би било претерано доколку се тврди дека родовата еднаквост е фундаментален дел од европскиот начин на живеење. Дел од членките во Европската Унија постојано се рангирани како општества со најголема родова еднаквост во светот, давајќи значаен придонес за поставување на глобални стандарди. Новиот Патоказ на ЕУ за правата на жените се темели на значајниот напредок постигнат во рамките на Стратегијата за родова еднаквост 2020-2025 година. Во текот на изминатите десетина години, ЕУ постигна историски резултати, вклучувајќи правила што обезбедуваат транспарентност во платите, промовирање на рамнотежата помеѓу работата и приватниот живот, зголемување на родовата рамнотежа во одборите на компаниите и борба против насилството врз жените.






Со новиот Патоказ, Европската комисија ја потврдува и засилува својата посветеност на понатамошно јакнење на положбата на жените и девојките и целосно промовирање на родовата еднаквост во Европа, но и на глобално ниво.

Сепак, и покрај усвојувањето на неколку важни иницијативи од страна на ЕУ во рамките на Стратегијата за родова еднаквост 2020-2025 година, повеќе истражувања покажуваат дека напредокот кон родовата еднаквост останува бавен и нееднаков во разни области во земјите-членки, според показателите во Извештајот за родова еднаквост од 2025 година. Една од три жени во ЕУ била подложена на физичко и/или сексуално насилство. Јазот во вработувањето и платите и понатаму полека се намалува, а насилството врз жените, како и дискриминаторските норми и стереотипи, сè уште постојат. Покрај тоа, жените доминираат со вработувања на ниско платени работни места и се недоволно застапени на позиции на кои се донесуваат одлуки.

Доколку се доведуваaт во прашање правата на жените, истовремено се доведува во прашање и напредокот во општеството. „Родовата еднаквост треба да биде природна како воздухот што го дишеме“, смета комесарката на ЕУ за родова еднаквост, истакната белгиска политичарка, Хаџа Лахиб. која при презентацијата на новиот Патоказ нагласи дека неговото лансирање доаѓа во време кога правата на жените се соочуваат со отпор како во ЕУ така и надвор од нејзините граници. Станува збор, меѓу другото, за ограничувања во однос на сексуалното и репродуктивното здравје, како и за напади врз политиките за различност и инклузивност.

Според Индексот на ЕУ за родова еднаквост, без засилување на неопходните мерки ќе бидат потребни уште 60 години за да се постигне целосна родова еднаквост во Унијата. Заклучокот е јасен и недвосмислен. Иако ЕУ постигнува постојан напредок, прогресот е премногу бавен. Но тоа не ја спречува еврокомесарката Лахиб да тврди дека ЕУ останува едно од најдобрите места во светот за да се биде жена. Направен е напредок во важни области и затоа „треба да бидеме горди на тоа“.

ЕУ, значи, постигнала стабилен, но бавен напредок. Насилството врз основа на род, нееднаквостите во здравството и значителните разлики во платите остануваат сериозни предизвици. Тоа што една од три жени во ЕУ доживеала физичко или сексуално насилство е поразителен податок, кој, според проценките на Европската комисија, ја чини ЕУ 290 милијарди евра годишно и се одразува негативно на европската конкурентност, просперитетот и на ограничените буџети.

Нееднаквостите се јасно присутни и на европските пазари на труд. Жените сè уште заработуваат во просек 12 проценти помалку на час од мажите. Но, направените проекции покажуваат дека подобрувањето на родовата еднаквост би можело да го зголеми БДП-то на ЕУ по глава на жител за 6,1 до 9,6 проценти до 2050 година, што е еквивалентно на околу 2-3 трилиони евра.

Инаку, како споредбена алатка за мерење, Индексот за родова еднаквост (ЕИГЕ) е важен за прикажување на родовите (не)еднаквости и за следење на напредокот во родовата еднаквост во различни сфери на општеството – не само во ЕУ, туку и во земјите од Западен Балкан и Турција. Тој овозможува регионална споредба помеѓу земјите-членки на ЕУ и земјите во процес на пристапување кон ЕУ.

Со поддршка од ЕИГЕ во 2015 година започна развојот на Индекси за родова еднаквост во земјите од Западен Балкан и Турција. Оваа активност и понатаму претставува водечка иницијатива во соработката на ЕИГЕ со регионот, во рамките на Инструментот за претпристапна помош (ИПА).

Досега, четири земји-кандидати за членство во ЕУ (Албанија, Црна Гора, Македонија и Србија) го пресметаа својот целосен Индекс за родова еднаквост и имаат објавено повеќе од едно издание на Индексот. Босна и Херцеговина и Косово имаат извршено делумни пресметки. Споредбено со Унијата, четирите балкански кандидадтки за членство се рангираат нешто пониско од просекот на ЕУ (71 поен), каде што Шведска е на врвот со 84 поени. Македонија е рангирана со 64 поени и е на повисоко ниво од некои ЕУ-членки (Грција, Романија, Унгарија, Бугарија, Хрватска и некои други), а под Македонија се пласирани Албанија, Србија и Црна Гора. Но, како што се укажува, при споредувањето треба да се пристапи со извесна претпазливост, бидејќи податоците за различните земји и за ЕУ не се целосно усогласени во однос на годините на кои се однесуваат, како и во однос на поединечните индикатори и изворите на податоци за нив.

Неколку балкански земји имаат воведно строги квоти во парламентите, што им дава повисоки оценки за жените на власт, а во во некои случаи повисоки од просекот на ЕУ. Но најголемиот јаз во земјите од Западен Балкан е поврзан со финансиите и неплатената женска домашна работа. Учеството на балканските жени на пазарот на трудот е генерално многу помало од учеството на мажите, гледано во споредба со Северна Европа.

Во секој случај, еднаквоста меѓу жените и мажите е крената на ниво на фундаментално право и фундаментална вредност вградена во правото на ЕУ уште од Римскиот договор во 1957 година. Политичките заложби за унапредување на правата на жените, иако често наидуваат на критики за недовлен ангажман и рестриктивен пристап, постојано добиваат нови димензии и опфат.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во повеќе наврати истапи со тврдења дека Комисијата се обврзала да развие нова стратегија за родова еднаквост што ќе „ги зајакне правата на жените низ целиот спектар, од борбата против родово базирано насилство до јакнење на жените во политиката и пазарот на трудот, низ целата ЕУ и во сите нејзини институции“. Се разбира, напорите да се даде поддршка на таквата стратегија секако заслужуваат респект.

Токму затоа, вреди да се потенцира дека нема никакво сомнение оти на жените и на јакнењето на нивната улога и придонес во сите сфери на општествениот живот, не им е потребен некаков засилен „машки надзор“. Во крајна линија, без оглед на тоа што понекоја „мачо“ политичка фигура со сомнителни ставови и гледишта, како што тоа беше случај деновиве во Македонија, и понатаму ќе се обидува да заговара такви опскурни, анахорни идеи, тркалото на прогресивниот развој од засилена брзина тешко се префрла во рикверц.

Поврзани содржини