НОВА ТРАГА ЗА БОМБАШКИТЕ ЗАКАНИ НА ЛЕТОВИ ВО ЕВРОПА „Борци на машката држава“ рекле дека „ќе го обојат небото црвено“

„Машка држава“ е неофицијално руско екстремистичко машко движење кое пропагира патријархални вредности и крајно десничарски идеи.

388

Мистериозна организација што се потпишува како „Борци на машката држава“ испратила закани со бомби за повеќе авиони на европски летови, најавувајќи дека ќе го „обои небото црвено со експлозии“.

„Машка држава“ е неофицијално руско екстремистичко машко движење кое пропагира патријархални вредности и крајно десничарски идеи.






Италијанската полиција истражува кој стои зад анонимните електронски пораки и дали станува збор за координирана акција што опфаќа повеќе европски земји, пренесува италијанската агенција АНСА.

Заканите се однесуваат на летовите Хелсинки – Рим и Даблин – Рим, како и на два авиона што слетале на миланскиот аеродром Малпенса. Едниот бил на „Егејска ерлајнс“, со полетување од Солун, а другиот на „Рајанер“, кој пристигнал од Порто.

Анонимната порака, напишана на италијански јазик, пристигнала рано утринава на електронските адреси на компанијата „Аеропорти ди Рома“, која управува со римските аеродроми, како и на други компании што работат на аеродромот.

Во насловот стоело „Известување за закана“, а испраќачите тврделе дека нивна цел е „феминистичкиот режим“.

Во пораката наводно најавиле дека сакаат да „остават трага во историјата“, заканувајќи се со експлозии во авионите.

Слична електронска порака пристигнала и во една од канцелариите на аеродромот Малпенса, со тврдење дека експлозивни направи се поставени во два авиона што слетале во Милано.

Според истражни извори на АНСА, испраќачите навеле конкретни податоци за двата лета, вклучувајќи ги броевите на летовите, имињата на авиокомпаниите, градовите од кои полетале авионите и времето на нивното слетување.

Италијанските истражители не ја исклучуваат можноста заканите да се поврзани со слични пораки испратени до други авиокомпании во изминатите денови, како и со дојавите за експлозивни направи во околу 280 училишта.

Закани биле испратени и на 3 летови на „Рајанер“ кон Софија. Само помеѓу 2 и 5 ноември, шест авиони што патувале кон Софија биле цел на закани со бомби.

Бугарија имаше и претходен инцидент на 18 октомври, кога летот на „Аустријан ерлајнс“ од Тел Авив до Виена беше пренасочен кон Софија по закана со бомба.

И други европски земји беа загрозени. Од 5 ноември, во последните денови закани имаше за најмалку 20 летови, вклучувајќи авиони што патуваа за Прага, Рим, Варшава, Брисел и Виена.

Се проверува и можноста заканите да биле испратени преку компромитирани електронски сметки или преку услуги што овозможуваат поголема анонимност, како „Протон мејл“.

Поврзани содржини