МИСТЕРИОЗНА ОРГАНИЗАЦИЈА СЕ ЗАКАНУВА СО БОМБИ ВО АВИОНИ НИЗ ЕВРОПА „Ќе го обоиме небото црвено со експлозии“
Анонимни пораки со закани за експлозии пристигнале на аеродромите во Рим и во Милано, а меѓу посочените авиони има и еден што полетал од Солун. Истражителите проверуваат дали зад заканите стои координирана операција поврзана со слични пораки испратени до авиокомпании и до околу 280 училишта.
Мистериозна организација што се потпишува како „Борци на машката држава“ испратила закани со бомби за повеќе авиони на европски летови, најавувајќи дека ќе го „обои небото црвено со експлозии“. Италијанската полиција истражува кој стои зад анонимните електронски пораки и дали станува збор за координирана акција што опфаќа повеќе европски земји, пренесува италијанската агенција АНСА.
Заканите се однесуваат на летовите Хелсинки – Рим и Даблин – Рим, како и на два авиона што слетале на миланскиот аеродром Малпенса. Едниот бил на „Егејска ерлајнс“, со полетување од Солун, а другиот на „Рајанер“, кој пристигнал од Порто.
Анонимната порака, напишана на италијански јазик, пристигнала рано утринава на електронските адреси на компанијата „Аеропорти ди Рома“, која управува со римските аеродроми, како и на други компании што работат на аеродромот.
Во насловот стоело „Известување за закана“, а испраќачите тврделе дека нивна цел е „феминистичкиот режим“.
Во пораката наводно најавиле дека сакаат да „остават трага во историјата“, заканувајќи се со експлозии во авионите.
Слична електронска порака пристигнала и во една од канцелариите на аеродромот Малпенса, со тврдење дека експлозивни направи се поставени во два авиона што слетале во Милано.
Според истражни извори на АНСА, испраќачите навеле конкретни податоци за двата лета, вклучувајќи ги броевите на летовите, имињата на авиокомпаниите, градовите од кои полетале авионите и времето на нивното слетување.
Италијанските истражители не ја исклучуваат можноста заканите да се поврзани со слични пораки испратени до други авиокомпании во изминатите денови, како и со дојавите за експлозивни направи во околу 280 училишта.
Полицијата се сомнева дека би можело да станува збор за координирана операција на европско ниво, поради што се активирани меѓународните канали за полициска соработка.
Во истрагата се вклучени аеродромската полиција и службите за високотехнолошки криминал, кои се обидуваат да утврдат од кои сервери биле испратени пораките и да ги идентификуваат ИП-адресите што би можеле да доведат до одговорните лица.
Се проверува и можноста заканите да биле испратени преку компромитирани електронски сметки или преку услуги што овозможуваат поголема анонимност, како „Протон мејл“.
Првичните информации за заканите ќе бидат доставени до надлежните обвинителства, кои треба да отворат истраги за случаите.