ГРАД СКОПЈЕ ГИ ОСЛОБОДИ ОД КОМУНАЛИИ БРАЧНИТЕ ПАРОВИ ДО 40 ГОДИНИ Ѓорѓиевски ги повика општините да се откажат од нивниот дел за комуналии
Доколку сите скопски општини се приклучат на повикот за ослободување од својот дел од комуналиите, младите брачни парови ќе бидат 100% ослободени од плаќање комуналии.
Mладите брачни парови до 40 години и самохраните родители што сакаат да изградат свој дом ќе бидат ослободени од делот од надоместокот за уредување на градежното земјиште што му припаѓа на Град Скопје, односно 60% од вкупните комуналии, за објекти во рамките на Генералниот урбанистички план на градот, објави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Мерката ќе стапи во сила веднаш по објавувањето во службените гласила, а барањето за аплицирање ќе биде достапно на веб-страницата на Град Скопје.
– Доколку сите скопски општини се приклучат со ослободување и од својот дел, оваа поддршка ќе достигне 100% ослободување од комуналии. Ги повикувам сите мои колеги градоначалници да застанеме заедно зад оваа цел и да им го олесниме патот до сопствен дом на што повеќе семејства. Имаме можност да оставиме нешто вредно зад себе – повеќе семејства со сопствен покрив над главата и со поголема сигурност за утрешниот ден – рече Ѓорѓиевски.
Според него, ова е директна инвестиција во младите, во сигурноста на семејствата и во иднината на Скопје.
Помал финансиски товар при изградбата значи повеќе средства за уредување на домот, за потребите на децата и за посигурен почеток на заедничкиот живот.
– Успешната практика што ја воспоставивме во Кисела Вода, првпат во историјата на државата, сега ја пренесуваме и во Град Скопје – додаде градоначалникот Ѓорѓиевски.