ЛИНА ЃОРЧЕСКА СЕ РАЗДЕЛИ СО ТРЕНЕРОТ По повеќе од 13 години заврши сорабоката со Лабудовиќ
Македонската тенисерка и тренерот ја завршуваат соработката по 13 и пол години, во кои освоија 62 титули во сингл и двојки и стигнаа до главниот турнир на Вимблдон.
По повеќе од 13 години заедничка работа, најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа и нејзиниот тренер Димитар Лабудовиќ ја завршуваат долгогодишната соработка. Лабудовиќ се прости од Ѓорческа со емотивна објава на социјалните мрежи, потсетувајќи се на заедничкиот пат исполнет со успеси, предизвици и историски спортски моменти.
Во изминатите 13 и пол години, Ѓорческа освои 62 титули на професионалната тениска турнеја во сингл и во двојки. Под водство на Лабудовиќ, таа го помина патот од најниските турнирски нивоа до главниот турнир на Вимблдон, остварувајќи го најголемиот успех во својата досегашна кариера.
Лабудовиќ во објавата се осврна на долгогодишната соработка, нагласувајќи дека двајцата заедно испишале историја за Македонија.
„Секое патување има своја крајна дестинација. По 13 и пол години, 62 титули на професионалната турнеја и патот од најниските турнири до главниот турнир на Вимблдон, сега можам гордо да кажам дека завршивме одлична работа. Испишавме историја за нашата земја. Беше најголемо задоволство да можам да работам со тебе како тенисерка, но пред сè со личност како тебе. Ти благодарам за сè, Лина“, напиша Лабудовиќ.
За Ѓорческа оваа сезона беше посебна, бидејќи за првпат успеа да се пласира на главниот турнир на Вимблдон, еден од најпрестижните тениски турнири во светот. До историскиот успех стигна преку квалификациите, во кои ги совлада Фита Болуда од Шпанија, Хорхе од Португалија и Лукреција Бронцети од Италија.
Така, по повеќе од една деценија заедничка работа, двајцата ја затвораат една важна глава од македонската тениска приказна, зад себе оставајќи 62 освоени титули и пласман на главниот турнир на Вимблдон.