УАПСЕНИ ДЕВЕТ ПОЛИЦАЈЦИ ВО СРБИЈА Осомничени се за прекумерна сила врз приведени лица
Министерството наведува дека осомничените, припадници на елитна единица, на 14 и 15 август 2025 година мачеле и застрашувале неколку лица заточени во гаража на владин комплекс во центарот на Белград.
Српските власти вчера приведоа 9 активни полицајци и еден поранешен полицаец поради наводна употреба на прекумерна сила врз приведени лица за време на минатогодишните протести во Белград, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Министерството наведува дека осомничените, припадници на елитна единица, на 14 и 15 август 2025 година мачеле и застрашувале неколку лица заточени во гаража на владин комплекс во центарот на Белград.
„Со примена на сила и закани, тие им нанеле голема болка и тешко страдање на поголем број лица, со намера од нив да изнудат информации, да ги заплашат и незаконски да ги казнат“, се вели во соопштението.
Министерството ги објави само иницијалите на уапсените службеници и на поранешниот полицаец.
Станува збор за први апсења поврзани со насилство врз демонстрантите кои во текот на изминатите две години излегуваа на улиците. Полицијата за време на протестите користеше солзавец, возила за разбивање демонстрации и шок-бомби за да ги растера собраните граѓани. Десетици студенти и активисти кои учествуваа на протестите ја обвинуваа полицијата за прекумерна употреба на сила.
Протестите против корупцијата ја зафатија Србија во текот на 2025 и 2026 година, откако на 1 ноември 2024 година во Нови Сад загинаа 16 лица во уривање на бетонската настрешница на обновената железничка станица. Протестите доведоа до пад од власт на Српската напредна партија (СНС) на Александар Вучиќ, на вонредните парламентарни избори на 25 октомври, на кои победи „Студентската листа“, движење без истакнат лидер.