МАСКИРАНИ НАСИЛНИЦИ СО СЕКИРИ И ПАЛКИ УПАДНАЛЕ ВО СТУДЕНТСКИ КАМПУС ВО АТИНА Фрлиле и молотов коктел, тројца студенти хоспитализирани

Нападот се случил во момент кога студентите дискутирале со какви активности да ја одбележат годишнината од студентскиот бунт против хунтата на Политехничкиот факултет на 17 ноември.

0

Група од околу 40-50 лица упаднала за време на генерално собрание на студентското здружение на катедрата за математика на Националниот и Каподистрискиот универзитет во универзитетскиот кампус во Атина, при што, според неофицијалните информации, со секира нападнале студенти и фрлиле молотов коктел, а повредени се тројца студенти, јави дописничката на МИА од Атина.

Членови на Управниот одбор на конкретното студентско здружение за грчките медиуми посочија дека целта на напаѓачите била да се запрат нивните активности.






Студентите објаснија дека сите напаѓачи биле маскирани, имале секири и палки и упаднале додека бил во тек состанокот на кој главната тема била координирање на активностите во пресрет на 17 ноември, кога се одбележува годишнината од студентскиот бунт против хунтата на Политехничкиот факултет, а паралелно фрлиле и молотов коктел.

– За нас овие напади не се воопшто случајни со фактот што се за време на закажани состаноци, посебно во пресрет на годишнината од бунтот на Политехничкиот факултет. Сакаат да ги запрат нашите битки. Постои план за поткопување на активностите за 17 ноември од страна на Нова демократија и користи вакви маскирани групи за да ја постигне целта, посочи студентка, која присуствувала на состанокот.

Неофицијално, повредените студенти биле превентивно пренесени во болница и сите се вон животна опасност.

Од Министерството за образование на Грција ги осудија инциденти и побараа да бидат информирани од Ректоратот за нападот. Тие посочија дека насилството „ја поткопува слободата на изразување и директно го загрозува правото на студентите да студираат во безбедна средина, исполнета со почитување“.

„Неприфатливо е членовите на академската заедница да бидат изложени на насилство и страв во просторот каде што студираат, работат и творат. Надлежните органи ќе ги истражат околностите под кои се случиле инцидентите и ќе утврдат што точно се случило“ – соопштија од Министерството.

Поврзани содржини