ВО КУМАНОВСКИОТ СУД ИМА НЕСОГЛАСУВАЊА, А НЕДОСТИГА КАДАР Судскиот совет утврди дека судот е ажурен
Еден од главните проблеми недостигот на човечки ресурси. Во Судот се систематизирани 34 судиски места, а судиската функција ја извршуваат 21 судија, вклучително и претседателката.
Судскиот совет го усвои извештајот од работната посета на Основниот суд Куманово, во кој се констатирани поделени ставови за управувањето со судот, недостиг на судски кадар и тензии во работната атмосфера.
Мнозинството анкетирани судии позитивно ја оцениле организацијата на работата и односот на претседателката на Судот, сепак дел од резултатите укажуваат на недоволно добра работна атмосфера и несогласувања кои влијаат врз функционирањето на институцијата.
Работната посета била реализирана во мај годинава, по претходно доставени дописи и поплаки за состојбите во судот. Работната група, составена од членовите на Судскиот совет Ивица Николовски, Тања Чачарова-Илиевска и Сузана Јошевска-Анастасовска, разговарала со претседателката на судот Снежана Манев, судиите и со судскиот администратор, а извршила и увид во доставената документација. Тие извршиле увид и во доставената документација.
Извештајот го презенираше Николовски, кој рече дека еден од главните проблеми недостигот на човечки ресурси. Во Судот се систематизирани 34 судиски места, а судиската функција ја извршуваат 21 судија, вклучително и претседателката. Во судската служба има 16 записничари, но според наводите на судиите, дел од нив почесто отсуствувале од работа, поради што состојбата со дактилографите била оценета како алармантна.
Воедно, констатирано е дека нема доволен број стручни соработници, односно не е обезбеден соработник за секој судија. Недостигот на дактилографи и стручни соработници создава дополнителен притисок врз вработените, предизвикува премореност и незадоволство, а во одредени случаи доведува и до одложување на судењата.
Работната група утврдила дека претседателката на Судот, Снежана Манев и судскиот администратор Марта Крашовиќ имале недоволна комуникација и координација во управувањето со Судот. Според наодите, нивната комуникација главно се одвивала писмено, а во некои случаи не биле спроведени наредбите на претседателката донесени врз основа на одлуки од седници на судии. Во извештајот се наведува дека претседателката презела мерки за подобрување на дисциплината и редовноста на работата.
Покрај електронската евиденција со картички, била воведена и интерна книга во која вработените лично се потпишувале при доаѓање и заминување од работа, како и при користење на паузата. Биле преземени и активности за проверка на почестите боледувања и за планирано користење на годишните одмори. Овие мерки, сепак, предизвикале незадоволство кај дел од судските службеници.
Судскиот администратор пред работната група изјавила дека воведувањето дополнителна евиденција било доживеано како преземање на нејзините надлежности, бидејќи контролата на присуството на работа е во нејзина надлежност. Таа посочила и на нарушени односи меѓу претседателката и дел од вработените, наведувајќи дека добивала информации за расправии и навредливи обраќања.
Работната група оценила дека овие наводи за недолично однесување на претседателката кон вработените не се поткрепени со непосредни сознанија на судскиот администратор. Таа изјавила дека лично не присуствувала на такви ситуации, ниту пак претседателката лично ѝ се обратила со навредливи зборови.
Во доставената документација имало и неколку известувања од судски службеници за несоодветна комуникација и нарушени односи со поединечни судии.
Анонимниот прашалник, кој го пополниле 19 од вкупно 21 судија, покажал поделени ставови за работната атмосфера и управувањето со Судот. Најпозитивно била оценета независноста на судиите во одлучувањето, како и распределбата на предметите преку АКМИС-системот. Комуникацијата со претседателката како професионална и коректна ја оцениле 61,1 процент од анкетираните судии, додека 33 проценти не се согласиле со таквата оценка.
И покрај констатираните проблеми, работната група оценила дека Основниот суд Куманово е ажурен. Во извештајот се наведува и дека Судскиот совет нема евидентирано основани поплаки од граѓани за работата на судиите и претседателката на судот.
Позитивни оценки за менаџирањето биле констатирани и при претходна посета на Апелациониот суд Скопје, како и при надзорот на Министерството за правда извршен во април годинава.
На седницата членовите на Судскиот совет имаа различни толкувања на наодите. Сузана Јошевска-Анастасовска посочи дека податокот за постоење тензии меѓу судиите е показател за нарушена работна атмосфера. Таа потсети и на претходно усвоената претставка од 75 вработени во судот, оценувајќи дека постојат причини Советот формално да ја преиспита работата на претседателката.
Од друга страна, Тања Чачарова-Илиевска оцени дека извештајот реално ја отсликува состојбата и дека дел од проблемите произлегуваат од недостигот на судски службеници, особено дактилографи, чија преоптовареност влијае врз работата на целата институција.
Ивица Николовски нагласи дека Судскиот совет треба да постапува во рамките на законските надлежности, посочувајќи дека наводите за мобинг, дискриминација или навредливо однесување треба да се докажуваат во соодветни законски постапки.
По дискусијата, извештајот од работната посета на Основниот суд Куманово беше ставен на гласање и усвоен од Судскиот совет, а беше најавено дека во наредниот период ќе следуваат и понатамошни дејствија во врска со претставката на вработените.