17-ГОДИШНА ДЕВОЈКА Е ЖРТВАТА ВО ЗАПАЛЕНИОТ АВТОМОБИЛ Нови детали за трагедијата кај Богданци
Плусинфо неофицијално дознава дека девојката претходно го пријавила 21-годишното момче за физички напад. Тој беше пронајден мртов покрај запалениот автомобил, а телото на малолетничката во неговата внатрешност. Причините и околностите за смртта се утврдуваат.
Само 17 години имала девојката чие изгорено тело беше пронајдено во запален автомобил во близина на местото „Ичева чешма“ во Богданци. Плусинфо неофицијално дознава дека истрагата проверува сомнежи оти малолетничката била жртва на убиство, за кое се поврзува нејзиното 21-годишно момче, кое исто така беше пронајдено мртво на местото на трагедијата.
Според неофицијалните информации до кои дојде Плусинфо, девојката подолг период била изложена на насилство од страна на момчето. Особено вознемирувачки е податокот дека на почетокот на минатиот месец таа го пријавила во полиција поради физички напад.
Од МВР тогаш информирале дека 21-годишниот жител на Богданци бил лишен од слобода по пријава дека ја нападнал својата 17-годишна девојка.
– На 1 октомври 2026 година, во 1:10 часот, во Богданци, полициски службеници од СВР Струмица – ОВР Гевгелија лишиле од слобода 21-годишен жител на Богданци. Според пријавеното, тој на 30 септември 2026 година, околу 21 часот, во неговиот дом физички ја нападнал неговата 17-годишна девојка. За настанот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, а по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава – соопштија тогаш од МВР.
Засега нема информации каква разврска добил овој случај и дали против 21-годишникот била поднесена соодветна пријава.
Во меѓувреме, трагичниот настан што ја потресе јавноста се случи на 3 ноември, кога во близина на „Ичева чешма“, во Горно Село кај Богданци, беа пронајдени две безживотни тела. Телото на 21-годишниот В.Г. било пронајдено покрај опожарениот автомобил, додека второто, целосно опожарено тело, било откриено во внатрешноста на возилото. Плусинфо дознава дека станува збор за 17-годишната девојка.
Според неофицијални и непотврдени информации, 21-годишникот бил пронајден обесен во близина на автомобилот. Околностите под кои настапила смртта на девојката засега не се познати. Со оглед на тоа што нејзиното тело било опожарено, клучни одговори се очекуваат од обдукцијата и дополнителните вештачења.
Од МВР потврдија дека на 3 ноември во 18:40 часот Т.К. од Богданци пријавил дека на местото викано „Ичева чешма“, во Горно Село, забележал опожарено паркирано патничко возило, во чија близина имало безживотно тело.
Полициски службеници од Полициската станица од општа надлежност Гевгелија веднаш излегле на местото на настанот, каде што било утврдено дека покрај опожареното возило има маж кој не давал знаци на живот. Било констатирано дека станува збор за В.Г. (21) од Богданци, а екипа на Итната медицинска помош при ЈЗУ Општа болница Гевгелија ја констатирала неговата смрт.
По локализирањето на пожарот од страна на противпожарната бригада, во внатрешноста на автомобилот било забележано уште едно опожарено тело.
– За настанот веднаш е известен јавен обвинител од ОЈО Гевгелија и извршен е увид. По насоки на јавен обвинител, телата се дадени на обдукција за утврдување на идентитетот, односно за утврдување на причините за смртта. Се преземаат мерки за утврдување на околностите и за целосно расчистување на случајот – соопштија од МВР.
Засега нема официјална потврда за тоа како починала 17-годишната девојка, ниту за околностите под кои избувнал пожарот. Не е потврдено ниту дали претходниот случај на пријавено насилство е поврзан со трагедијата.