СЕ ЗАСИЛУВААТ ПРИТИСОЦИТЕ ВРЗ МАКЕДОНЦИТЕ И ТУРЦИТЕ ВО ГРЦИЈА Европската слободна алијанса бара од европските институции да преземат итни мерки
Особено загрижувачки се случаите на попречување на културните манифестации на Македонците, заплашување и вознемирување, како и судски прогон на припадници на македонското и турското малцинство, нерегистрирање на нивните културни организации инаметнување религиозни лидери од страна на државата.
Работната група за јазични и малцински права на Европската слободна алијанса (ЕФА) изрази сериозна загриженост поради засилените притисоци, институционалното заплашување и судското прогонување на припадниците на македонското и на турското малцинство во Грција.
Во декларацијата се наведува дека во текот на летата 2024 и 2025 година, како и во периодот што следувал, притисоците врз двете малцински заедници значително се интензивирале, преминувајќи од административни пречки кон координирани активности на заплашување, кривичен прогон и судско вознемирување.
Особено загрижувачки се случаите на попречување на културните манифестации на Македонците, особено во Леринскиот регион. Грчките власти интервенирале на локални фестивали на кои се пеело и играло на македонски јазик, користејќи инспекциски контроли, пријави за бучава и предвремено прекинување на настаните, објави ЕФА
Како примери се посочуваат настаните во Ајтос и Аминдео, како и прекинувањето на настап на македонски јазик во Слатино од страна на заменик-обласен гувернер. Работната група предупредува и на поднесување колективни кривични пријави против припадници на македонската заедница, со цел заплашување на населението и спречување на одржувањето традиционални културни манифестации.
Дополнително, се посочува дека грчки адвокат поднел широка тужба против 15 припадници на македонското малцинство, организацијата „Крсте Мисирков“ и Партијата на пријателството, еднаквоста и мирот (ДЕБ), која ги претставува интересите на турското малцинство.
ЕФА изразува загриженост и поради случувањата во турската малцинска заедница во Западна Тракија.
Во декларацијата се потсетува на инцидентот во октомври 2024 година во џамијата „Чинар“ во Ксанти, кога муфтии назначени од грчките власти, чиј легитимитет не го признава турското малцинство, наводно се обиделе да предизвикаат конфронтација.
По настанот биле покренати кривични постапки против четворица претставници на турското малцинство. Според декларацијата, по судењето одржано во јуни 2026 година, четворицата биле осудени на по 17 месеци затвор.
Посебна загриженост предизвикува и формирањето на 33-члена советодавна комисија за номинирање муфтии, како и назначувањата во Димотика, Ксанти и Комотини. ЕФА наведува дека членовите на комисијата не се признаени од турското малцинство, а медиумските извештаи подоцна откриле дека нејзините членови биле вработени во јавниот сектор и примале плата од државата.
Според Работната група, назначувањето верски лидери без прифаќање од самата малцинска заедница ја поткопува довербата и може дополнително да ги продлабочи општествените тензии.
Еден од клучните проблеми што ги истакнува ЕФА е долгогодишното неспроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во однос на правото на здружување на македонското и турското малцинство.
Посебно се посочува случајот „Дом на македонската цивилизација и други против Грција“, чија пресуда сè уште не е спроведена, како и групата случаи „Бекир Уста“, поврзана со здруженијата на турското малцинство, чии пресуди остануваат неспроведени веќе 18 години.
И покрај тоа што Грција во 2024 година формирала експертска комисија за разгледување на овие случаи, по предупредувањата од Комитетот на министри на Советот на Европа, досега не биле преземени конкретни мерки за нивно целосно спроведување.
Во декларацијата се наведува и дека во јуни 2026 година ЕСЧП донел пресуда во корист на Турското женско културно здружение од Ксанти, повторно утврдувајќи повреда на обврските на Грција според Европската конвенција за човекови права. Сепак, Апелациониот суд во Грција потоа го одбил барањето за спроведување на пресудата и регистрација на здружението.
Овие прашања биле опфатени и во извештајот за мониторинг на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) за Грција, објавен во септември 2026 година.
ЕФА бара одговорност од Грција и реакција од европските институции. Работната група оценува дека ваквите постапки се спротивни на европските стандарди за човекови права, недискриминација и заштита на културната и јазичната разновидност, вклучително и на вредностите утврдени во член 2 од Договорот за Европската унија и одредбите од Повелбата за основните права на ЕУ.
Поради тоа, ЕФА упатува повик до Високиот комесар на ОН за човекови права, комесарот за човекови права на Советот на Европа, Европската комисија и Европскиот парламент да преземат конкретни активности. Се бара Грција да понесе одговорност за обврските во областа на човековите и малцинските права.
ЕФА бара европските институции внимателно да го следат зголемувањето на повредите на правата на македонското и турското малцинство. Грчките власти веднаш да ја прекинат кампањата на заплашување и вознемирување, да се спроведат сите пресуди на Европскиот суд за човекови права поврзани со слободата на здружување.
Исто така се бара да се преземат итни мерки за заштита на двете малцинства од говор на омраза, а Грција да ја прекине долгогодишната политика на етничко негирање на македонското и турското малцинство.
На крајот, Работната група на ЕФА ја потврдува својата поддршка за македонското и турското малцинство во Грција, нагласувајќи дека заштитата на нивниот идентитет, јазик, култура и право на слободно здружување претставува прашање на европска демократија, еднаквост и почитување на човековите права.