„СЕСТРА, БРАТ И ШАХТА“ ПОБЕДИ НА ФЕСТИВАЛОТ „ТОКИО ГРАН ПРИ“ Манчевски вели дека му е мило што светот ја засака нашата шахта

„Сестра, брат и шахта" е чудна комедија за оние што имаат и оние што немаат – во исто време лута сатира и суптилна поема за брат и сестра кои живеат на маргините на општеството. Филм за антихерои кој – во неповторливиот стил на Милчо Манчевски – отфрла секаква жанровска класификација, мамејќи и солзи и смеа. 

0

„Сестра, брат и шахта”, најновиот филм на Милчо Манчевски победи на Филмскиот фестивал во Токио, фестивал од А-категорија. Филмот ја освои главната награда на фестивалот, „Токио Гран при” (Tokyo Grand Prix).

Ова е првпат македонски филм да победи на фестивал од А-категорија после „Пред дождот” на Манчевски во Венеција во 1994.






Претседателот на жирито, легендарниот австралиски режисер Ролф де Хер, при доделувањето на наградата го прочита официјалното образложение на жирито:

„За беспрекорното спојување на хуморот, трагедијата и драмата, за човечноста и сочувството што ги покажува кон своите ликови, за сложениот, но кохерентен филм, кој истовремено успева да биде трогателен и разигран, големата награда на Токио – Наградата на гувернерот на Токио за најдобар филм – му се доделува на „СЕСТРА, БРАТ И ШАХТА”.

Манчевски ја сподели радоста од освоената награда и им се заблагодари на сите, кои верувале во создавањето на филмот:

-Многу ми е мило што светот ја сака нашата шахта. Благодарност до феноменалната екипа, глумците, финансиерите, спонзорите – за довербата во еден чуден филм. Ете пример дека истрајноста и правдата победуваат. Напред, шахта! – изјави Манчевски.

На свеченото затворање на фестивалот наградата ја подигнаа главните актери во филмот Сара Климоска, Филип Трајковиќ и продуцентот Јане Ќортошев.

Годинава, на Токискиот меѓународен филмски фестивал (TIFF) пристигнаа 1.892 филмови од 112 земји и региони. По ригорозен процес на селекција, во натпреварувачката програма беа избрани 15 филма. Жирито на натпреварувачката програма, предводено од австралискиот режисер Ролф де Ер, го сочинуваа филмски професионалци од Австралија, САД, Јужна Кореја, Јапонија и Франција.

„Сестра, брат и шахта” е чудна комедија за оние што имаат и оние што немаат – во исто време лута сатира и суптилна поема за брат и сестра кои живеат на маргините на општеството. Филм за антихерои кој – во неповторливиот стил на Милчо Манчевски – отфрла секаква жанровска класификација, мамејќи и солзи и смеа.

Ова е негов деветти долгометражен игран филм. Во 2026 година тој го реализираше и долгометражниот документарен филм „Добри луѓе” за трагедијата во Кочани, со што во иста година претстави два филма пред меѓународната публика.

Главните улоги ги играат Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски, како и Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Александар Степанулески и Марин Гавриловски.

Дејвид Манс од Велика Британија е дизајнер на продукција. Директор на фотографија е Стефано Фаливене од Италија. Кастинг директорка е Милка Анчевска, костимите се на Жаклина Крстевска, а шминката на Бистра Кечиџиева од Бугарија. Продуцент на филмот е Јане Ќортошев.

Филмот се снимаше со меѓународна екипа на локации низ и околу Скопје. Копродуценти се Гала филм од Бугарија, Сенс продакшн од Србија, Амаркорд продакшн и Аугустус колор од Италија, Беркли медиа груп од Англија и Тирана филм институт од Албанија.

 

Поврзани содржини