📽️ КОЛИН ФАРЕЛ Е СИЛНО ПОВРЗАН СО НЕГОВИОТ СИН КОЈ ИМА РЕТКА БОЛЕСТ „Сакам светот да биде добар кон Џејмс“

Колин Фарел во новиот документарец ја открива блискоста со синот Џејмс, кој има Ангелманов синдром, но и долгогодишното пријателство со Ема Фогарти, која живее со ретка болест на кожата.„Кај мене ништо не му поминува“, се шегува актерот.

88

Ирскиот актер ретко зборува за приватниот живот, но во новиот документарец „The Slightest Touch“ пред камерите го покажува и својот 23-годишен син, кој има Ангелманов синдром. Филмот пак е посветен на неговото долгогодишно пријателство со Ема Фогарти, жена која живее со ретка и тешка генетска болест.

Колин Фарел ретко дозволува камерите да навлезат во неговиот семеен живот, но во трејлерот за новиот документарец на HBO „The Slightest Touch“ се појавува и неговиот постар син Џејмс. Во една од сцените актерот го прегрнува 23-годишниот син, споделувајќи со него еден од ретките моменти од нивниот приватен живот што ги покажува пред камерите.






Џејмс е роден во врската на актерот со манекенката Ким Борденав, а на околу две и пол години му бил дијагностициран Ангелманов синдром – ретко неврогенетско нарушување кое влијае врз развојот, говорот, движењето и рамнотежата. Кај некои лица може да предизвика и епилептични напади. Фарел повеќепати зборувал за напредокот на синот и за тоа колку многу му значи неговото присуство во животот.

– Сакам светот да биде добар кон Џејмс. Сакам луѓето да се однесуваат кон него со љубезност и почит – изјавил актерот. Во 2024 година ја основал фондацијата „Colin Farrell Foundation“, која се залага за подобра поддршка на возрасните лица со интелектуална попреченост.

Фарел посочил дека многу семејства се соочуваат со проблем кога нивните деца ќе наполнат 21 година, бидејќи тогаш често престануваат или се намалуваат дел од системите за поддршка што ги имале во детството.

Документарецот, во режија на Рејчел Флајт, пред сè ја раскажува приказната за Ема Фогарти, долгогодишна пријателка на Фарел. Таа живее со епидермолиза булоза, ретка наследна болест позната и како „болест на пеперуткина кожа“, поради исклучителната кревкост на кожата. Дури и најмал допир или триење може да предизвика плускавци, рани и силна болка. Ема со оваа состојба живее од раѓање, а лекарите на нејзините родители некогаш им кажале дека можеби нема да го доживее ниту првиот роденден.

Фарел и Ема се пријатели повеќе од 15 години, а нивната блискост во 2024 година доби и необичен спортски предизвик. По повод нејзиниот 40. роденден, двајцата решиле да учествуваат на Даблинскиот маратон. Фарел ја придружувал во текот на последните четири километри, туркајќи ја нејзината инвалидска количка до целта – по еден километар за секоја деценија од нејзиниот живот. Со оваа акција биле собрани повеќе од 800.000 долари за организацијата ДЕБРА, која им помага на лицата со епидермолиза булоза.

Во документарецот се следат нивните подготовки за маратонот, секојдневните предизвици со кои се соочува Ема и пријателството што го градат со години.

Фарел зборува и за сопствените животни борби, вклучувајќи ја зависноста од алкохол и дрога, и за тоа како татковството му помогнало да го промени животот. Признава дека влегол во програма за закрепнување во 2005 година, а трезен е од 2006 година. Во едно интервју рекол дека Џејмс му бил причина да побара сила и насока надвор од самиот себе.

„The Slightest Touch“ ќе има премиера на HBO Max на 25 ноември 2026 година. Документарецот не е само приказна за болеста и физичките ограничувања, туку и за пријателството, достоинството и желбата животот да се живее исполнето, без оглед на пречките.

Поврзани содржини