КЛЕКОВСКИ НАЈАВИ ПЛАН ЗА КВАЛИТЕТ ВО ЗДРАВСТВОТО Институциите ќе добијат рокови, вработените ќе можат да пријават грешки
Постојните закони, стратегии и дигитални системи во здравството не функционираат како единствена целина, покажала националната проценка. Министерот Клековски најави и механизам преку кој здравствените работници ќе можат да пријавуваат грешки без страв од последици.
Секоја здравствена институција треба да добие јасни задачи, одговорности и рокови за подобрување на здравствената заштита, предвидува националниот план што го најави министерот за здравство Сашо Клековски. Планот ќе се изработува врз основа на проценка што покажала дека Македонија има закони, стратегии и дигитални системи, но тие сè уште не функционираат како единствена целина.
– Имаме закони, стратегии и системи, но тие сè уште не функционираат како еден систем. Нашиот предизвик не е да донесеме нови документи, туку постојните навистина да профункционираат во практикатa – изјави Клековски на втората национална работилница за квалитет на здравствената заштита.
Проценката е спроведена во изминатите месеци со поддршка од Светската здравствена организација (СЗО) и во соработка со Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствените установи (АКАЗУМ).
Експертите посетиле клиники, болници и установи од примарната здравствена заштита, прегледале документи и разговарале со здравствени работници, институции и претставници на пациентите.
Утврдиле дека државата веќе располага со Стратегија за здравство 2021–2030, Национален план за безбедност на пациентите, механизми за акредитација и дигиталниот систем „Мој Термин“. Главниот предизвик е нивното поврзување, обезбедувањето ресурси и редовното следење на резултатите.
Клековски издвои три приоритети: безбедноста на пациентите, поврзувањето на финансирањето на здравствените услуги со нивниот квалитет и јасното утврдување на одговорностите на институциите.
Тој побара да се надмине културата на неказнивост и да се воспостави систем во кој здравствените работници ќе можат да пријавуваат грешки без страв од негативни последици.
– Грешка што не е пријавена е грешка што ќе се повтори. Ни треба систем во кој пријавувањето е заштитено и од кој учиме, а здравствениот работник што пријавил добива поддршка, а не последиц – нагласи министерот.
Националниот план за квалитет на здравствената заштита ќе содржи ограничен број приоритети, одговорни институции, потребни ресурси, рокови и показатели за мерење на напредокот.
– Не ни треба уште еден документ што ќе остане на хартија. За секој приоритет ќе знаеме кој е одговорен, до кога и како ќе го мериме напредокот – истакна Клековски.
Министерството за здравство ќе ја предводи подготовката на планот, а паралелно работи и на унапредување на законската рамка, со која треба да се воспостават стандарди за квалитет и механизми за следење на резултатите во здравствените установи.