МИЦКОСКИ СО „ДОЈЧЕ ТЕЛЕКОМ“ ВО БОН РАЗГОВАРАШЕ ЗА МОЖНИ ИНВЕСТИЦИИ Во фокус АИ во медицината, паметни градови и дигиталната безбедност

Владата ги разгледува можностите за продлабочување на соработката со германската телекомуникациска компанија, но засега не се соопштени конкретни инвестиции или рокови.

109

Премиерот Христијан Мицкоски со својот владин тим денеска разговарал со раководството на „Дојче телеком“ за можни инвестиции во дигиталната трансформација на Македонија, вклучително и примена на вештачка интелигенција (АИ) во медицината и во инженерството, развој на паметни градови и современи системи за дигитална безбедност.

Се работи за прва посета на македонската влада на „Дојче Телеком“ во Бон во Германија.






Работната средба се одржала со главниот извршен директор на германската компанија, Тимотеус Хетгес, и членката на Управниот одбор задолжена за Европа, Доминик Лерој.

„На средбата беа разгледани можностите за продлабочување на соработката и инвестиции кон дигиталната трансформација и иднина на Македонија“, се наведува во соопштението на Владата.

Фото: Влада

 

Меѓу темите биле и новите комуникациски технологии, како и можностите за примена на АИ во различни области.

„Инвестиции во делот на современите техники во медицината и инженерството, развој во делот на комуникацијата, развојот на вештачката интелигенција, современата кибернетска безбедност“, се дел од областите наведени во соопштението.

Разговорите ги опфатиле и плановите и амбициите за развој во делот на паметен град, безбеден град и безбедна држава.

Освен за можната соработка во Македонија, претставниците на Владата и на „Дојче телеком“ разговарале и за технолошките предизвици со кои се соочува Европа.

Фото: Влада

„Во рамки на разговорите беа разменети и мислењата за европската конкурентност, безбедност и дигиталниот суверенитет како стратешки приоритет за Европа“, се наведува во владиното соопштение.

Како важни области биле посочени и капацитетите во областа на cloud технологиите, вештачката интелигенција, индустриската вештачка интелигенција и сајбер-безбедноста.

Во владината делегација биле вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ), Гоце Димовски.

Владата ја оценува средбата како можност за понатамошно унапредување на соработката со една од водечките европски телекомуникациски компании.

Поврзани содржини