ОД 15 НОЕМВРИ ЗАДОЛЖИТЕЛНА Е ЗИМСКА ОПРЕМА ВО ВОЗИЛАТА Еве што мора да имаат различни видови возила

Од Министерството за внатрешни работи апелираат до возачите навреме да ја обезбедат потребната зимска опрема и да ги почитуваат законските обврски, со цел сообраќајот во зимски услови да биде побезбеден.

62

Во Македонија од 15 ноември стапува на сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата. Обврската ќе важи до 15 март, а непочитувањето на пропишаните правила може да создаде ризик за безбедноста во сообраќајот, а повлекува и пропишани казни.

Од Министерството за внатрешни работи потсетуваат дека задолжителната зимска опрема е регулирана со Правилникот за задолжителна опрема на возилата, велосипедите и запрежните возила за безбедно учество во сообраќајот, како и на тракторите при извршување земјоделски и шумски работи.






За моторните возила со маса до 3.500 килограми, како зимска опрема се сметаат зимски пневматици на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарата од 4 милиметри.

Дозволени се и пневматици со летен профил на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарата од 4 милиметри, под услов возилото да поседува синџири за снег со соодветна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.

Кај возилата со погон на четири тркала (4×4), правилата се малку поинакви. Доколку се користат зимски пневматици, тие треба да бидат поставени на сите четири тркала и да имаат минимална длабочина на шарата од 6 милиметри.

За моторните возила со најголема дозволена маса над 3.500 килограми, задолжителни се зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочина на шарата од 6 милиметри.

Како зимска опрема може да се користат и пневматици со летен профил на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарата од 4 милиметри, доколку возилото поседува соодветни синџири за снег или други помагала.

Автобусите и товарните возила кои поради технички причини не можат да постават синџири на погонските тркала, мора да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат – лопата.

Од МВР појаснуваат дека за зимски пневматици се сметаат оние на чија странична страна има ознаки „MS“, „M+S“, „M&S“, како и симбол на снегулка во стилизирана планина со три врва.

Според важечкиот правилник, во патниот сообраќај е забрането користење пневматици со клинци.

Од Министерството за внатрешни работи апелираат до возачите навреме да ја обезбедат потребната зимска опрема и да ги почитуваат законските обврски, со цел сообраќајот во зимски услови да биде побезбеден.

Поврзани содржини