ЗА ЖИВОТОТ, ЉУБОВТА И НАЈЗНАЧАЈНИТЕ УЛОГИ НА ПАТРИК СТЈУАРТ Третата сопруга ја запознал додека го послужувала во ресторан во Бруклин

Патрик Стјуарт имаше 47 години кога стана светска ѕвезда, а во зрелите години ја пронајде љубовта на животот и изгради посебно и вистинско пријателство со својот голем филмски ривал, Ијан Меккелен

228

Патрик Стјуарт беше актер чија кариера ги поврза класичниот театар, научната фантастика и холивудските блокбастери. Публиката засекогаш ќе го памети како капетанот Жан-Лук Пикар од „Ѕвездени патеки“ и професорот Чарлс Ксавиер од „Икс-мен“, но неговиот живот беше исполнет и со интересни приказни надвор од филмското платно – од љубовта со 38 години помладата пејачка Сани Озел до долгогодишното пријателство со Ијан Меккелен, со кого во филмовите често беше на спротивната страна.

Стјуарт почина на 28 октомври 2026 година, на 86-годишна возраст, оставајќи зад себе повеќе од шест децении актерска кариера. Неговиот пат до светската слава не беше брз, но искуството што го стекнал во театарот му помогнало да изгради препознатлив актерски стил, заснован на моќниот глас, смиреноста и способноста да им даде длабочина и на најавторитативните ликови.






Од Шекспир до капетанот Пикар

Пред да стане едно од најпрепознатливите лица во научнофантастичниот жанр, Стјуарт со години настапувал на британските театарски сцени. Во 1966 година ѝ се приклучил на Кралската шекспирова компанија, каде што толкувал бројни ликови од класичната литература. Меѓу позначајните улоги биле Магбет и Клавдиј во „Хамлет“. Театарот останал негова голема љубов и откако Холивуд му ги отворил вратите.

На филм се појавил во „Екскалибур“ од 1981 година, а три години подоцна го толкувал Гурни Халек во „Дина“ на режисерот Дејвид Линч. Сепак, пресвртот во кариерата дошол во 1987 година, кога на 47-годишна возраст ја добил улогата на капетанот Жан-Лук Пикар во серијата „Star Trek: The Next Generation“.

Како командант на вселенскиот брод „Ентерпрајз“, Стјуарт создаде лик кој проблемите ги решаваше со интелигенција, дипломатија и морални принципи, наместо само со сила. Серијата се емитуваше седум сезони, до 1994 година, а актерот потоа ја повтори улогата и во неколку филмови. По повеќе од три децении, повторно му се врати на Пикар во серијата „Star Trek: Picard“, која се емитуваше од 2020 до 2023 година.

Во 2000 година доби уште една улога по која ќе го паметат генерации гледачи – професорот Чарлс Ксавиер во филмската франшиза „Икс-мен“. Како основач на училиштето за млади мутанти, тој беше мудар ментор кој веруваше во мирниот соживот меѓу луѓето и мутантите. Неговиот однос со Магнето, ликот на Ијан Меккелен, стана еден од најинтересните елементи на серијалот.

Особено емотивна изведба Стјуарт оствари во филмот „Логан“ од 2017 година, во кој повторно го играше професорот Ксавиер, овојпат како остарен и болен човек кој се соочува со сопствената ранливост. Се појави и во „Doctor Strange in the Multiverse of Madness“ од 2022 година, потсетувајќи ги обожавателите на ликот што го одбележа неговиот филмски живот.

Но, Стјуарт не беше актер ограничен само на овие две франшизи. Во текот на кариерата играше во комедии, драми и трилери, го позајмуваше гласот на анимирани ликови во сериите „Family Guy“, „The Simpsons“ и „Futurama“, а во „American Dad!“ го озвучуваше ексцентричниот директор на ЦИА, Ејвери Булок. Во „Green Room“ од 2015 година покажа сосема поинакво лице како немилосрден водач на неонацистичка група. Во 2010 година беше прогласен за витез, поради придонесот во драмската уметност.

Љубовта ја пронајде во ресторан во Бруклин

Покрај актерските успеси, значајно место во животот на Стјуарт имаше неговата сопруга Сани Озел, американска пејачка која ја запознал во 2008 година, додека таа работела како келнерка во ресторан во Бруклин. Во тоа време тој настапувал во Шекспировиот „Магбет“, а таа се обидувала да ја изгради својата музичка кариера.

Нивната средба се случила речиси случајно. Кога Сани му пришла за да му понуди десерт на сметка на ресторанот, започнале разговор. Таа спомнала дека би сакала да ја гледа неговата претстава, но дека билетите се распродадени. Стјуарт ѝ го оставил својот телефонски број за да ѝ помогне да дојде до билет. Подоцна признал дека тоа бил единствениот пат во животот кога на жена ѝ го дал бројот на таков начин.

Нивното познанство брзо прераснало во љубов, иако разликата од 38 години предизвикувала изненадување. Стјуарт зад себе веќе имал два брака. Со првата сопруга, кореографката Шејла Фалконер, ги добил синот Даниел и ќерката Софи, а подоцна бил во брак и со телевизиската продуцентка Венди Нојс. Двата брака завршиле со развод, а актерот отворено зборувал за жалењето што поради работните обврски и сопствените одлуки не бил секогаш доволно присутен во животот на своите деца.

Со Сани започнал ново поглавје. Се венчале во 2013 година, а посебна улога во нивната свадба имал токму неговиот пријател Ијан Меккелен. Пејачката предложила тој да ја води церемонијата, а Меккелен со задоволство ја прифатил идејата. Но, се појавил неочекуван проблем: овластувањето што го имал важело во Калифорнија, но не и во Невада, каде што парот планирал да се венча.

Затоа организирале мала, тајна церемонија во мексикански ресторан во Калифорнија, каде што Меккелен ја завршил задачата. Неколку дена подоцна ја одржале и планираната прослава покрај езерото Тахо. Стјуарт подоцна зборувал со голема нежност за сопругата, истакнувајќи ја нејзината интелигенција, смислата за хумор и начинот на кој му го променила животот.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Sunny Ozell (@madameozell)


Сани продолжи да се занимава со музика, а Стјуарт ја поддржувал и присуствувал на нејзините настапи. Таа, пак, била покрај него во важните животни моменти, вклучително и додека ја пишувал автобиографијата „Making It So“, во која се осврнал на кариерата, семејството и личните грешки. Во едно интервју во 2023 година актерот изјавил дека е многу среќен, дека ја сака сопругата и дека работата сè уште му носи огромно задоволство.

Пријателство што започнало многу пред „Икс-мен“

Познанството со Ијан Меккелен кој му беше многу повеќе од колега започнало во седумдесеттите години, кога двајцата граделе кариера во британскиот театар. Првпат заедно настапиле во 1977 година во претставата „Every Good Boy Deserves Favour“ на Том Стопард, но тогаш сè уште не биле блиски пријатели.

Стјуарт подоцна признавал дека во младоста бил малку исплашен од Меккелен, кого го сметал за исклучително талентиран и самоуверен актер. Дури кон крајот на деведесеттите, кога двајцата добиле улоги во првиот филм „Икс-мен“, нивното познанство се претворило во вистинско пријателство. На снимањето имале приколки една до друга и многу време меѓу сцените, па почнале да се дружат, да разговараат и да пијат чај.

На филмското платно нивните ликови – професорот Ксавиер и Магнето – беа големи противници, но приватно двајцата актери развиле блиска врска исполнета со хумор и меѓусебна поддршка. Заедно се враќале и на театарската сцена, настапувајќи во претставите „Чекајќи го Годо“ на Семјуел Бекет и „Ничија земја“ на Харолд Пинтер.

Нивното пријателство често привлекувало внимание и надвор од сцената. Фотографиите на кои се гушкаат, се смеат и се шегуваат пред камерите станаа омилени кај публиката. Особено се памети моментот од премиерата на филмот „Mr. Holmes“ во 2015 година, кога Стјуарт го бакна Меккелен пред фотографите.

Интересно е и тоа што Меккелен првично се обидел да го разубеди Стјуарт да ја прифати улогата на капетанот Пикар. Кога во 1987 година пријателот му кажал дека размислува да се пресели во САД за да работи на телевизиската серија, Меккелен се плашел дека ќе ја напушти успешната театарска кариера за неизвесен проект. Стјуарт сепак ја прифатил улогата, која му донесе меѓународна слава, а Меккелен подоцна признавал дека погрешил.

Нивното пријателство траеше со децении и беше еден од оние ретки односи во светот на славните што не се темелат само на заедничка работа. Двајцата ги поврзувале љубовта кон театарот, сличните животни патишта и способноста да се шегуваат еден со друг без задршка.

Патрик Стјуарт зад себе остави наследство што не може да се сведе само на неколку култни улоги. Тој беше актер кој на публиката ѝ подари херои со достоинство и морална сила, но и ликови со слабости, стравови и човечка ранливост.

Поврзани содржини