ОБЛАЦИ, ДОЖД И ПАД НА ТЕМПЕРАТУРИТЕ Македонија влегува во студен и врнежлив ноември

Променливо облачно време со повремени врнежи ќе има во петок и сабота, а во недела се очекуваат пообилни врнежи и дополнително заладување. Во Скопје максималната температура ќе се движи од 12 до 14 степени.

65

Променливо облачно време, повремени врнежи од дожд и постепено заладување ја очекуваат Македонија во наредните три дена. Врнежи се најавуваат уште во петок, ќе продолжат и во сабота, а во недела се очекува пооблачно и поврнежливо време, со можност за локално пообилни врнежи.

Според прогнозата утре минималните утрински температури ќе се движат од 3 до 10 степени, додека максималните дневни ќе достигнат од 12 до 18 степени. Времето ќе биде променливо облачно, со повремени локални врнежи од дожд. Во утринските часови по одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер, претежно од северен правец.






Во сабота, 31 октомври, ќе продолжи променливото облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Утринските температури ќе бидат од 4 до 10 степени, а дневните ќе се движат од 11 до 17 степени. Ќе дува слаб ветер од северен правец.

Повеќе врнежи се очекуваат во недела, 1 ноември, кога времето ќе биде претежно облачно, со повремени врнежи од дожд, кои на некои места може да бидат и пообилни. Минималните температури ќе се движат од 3 до 10 степени, а максималните од 9 до 16 степени. Ќе дува слаб до умерен ветер од источен правец.

Според метеоролошките најави, во одделни делови од земјата локално може да наврнат и повеќе од 25 литри дожд на квадратен метар во периодот на врнежи. На планините, со дополнителното заладување, на повисоките места се зголемува можноста за преминување на дождот во снег.

Слично време се очекува и во Скопје. Во петок ќе преовладува претежно облачно време, со повремени сончеви периоди. Утринската температура ќе биде околу 9 до 10 степени, а дневната ќе достигне околу 14 степени.

Во сабота се очекува облачно време, со минимална температура околу 9 степени и максимална до 14 степени. Во недела ќе има повремени врнежи од дожд, а температурата ќе се движи од околу 9 до 12 степени.

Така, последниот октомвриски викенд и почетокот на ноември ќе поминат во знакот на облаци, дожд и посвежо време, со најизразено заладување во недела.

Поврзани содржини