📽️ ВОЗЕШЕ ПО ВЕЛОСИПЕДСКА ПАТЕКА, ПА БЕШЕ КАЗНЕТ Снимка на „ТикТок“ го откри возачот во Скопје
Возач на „сузуки“ бил санкциониран откако видео на „ТикТок“ покажа дека вози по велосипедската патека на улицата Бутелска во Скопје.
Возач на „сузуки“ со скопски регистарски ознаки е санкциониран откако на социјалните мрежи беше објавено видео на кое се гледа како вози по велосипедската патека покрај улицата Бутелска.
Станува збор за 46-годишен скопјанец, со иницијали Н.К., чиј идентитет го утврдило Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје, откако снимката била објавена на социјалната мрежа ТикТок.
На видеото се гледа како возачот управува со патничко возило по велосипедската патека на улицата Бутелска, во правец од кружниот тек кон крстосницата со булеварот Босна и Херцеговина.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш биле преземени мерки за идентификување на возачот. Тој на 28 октомври 2026 година бил повикан на службен разговор и соодветно санкциониран за сообраќаен прекршок – управување возило по несоодветна сообраќајна површина.
Од МВР апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да не ја загрозуваат безбедноста на другите учесници.