ПОВЕЌЕ ОД 70 ЖЕНИ ГИ ОБВИНИЛЕ ЗА СИЛУВАЊЕ Браќата милионери Александер добија по 30 години затвор за злоупотреба
Тројцата милионери Алон, Орен и Тал Александер се осудени на по 30 години затвор за сексуални напади. Повеќе од 70 жени изнеле обвинувања за злоупотреба.
Тројцата браќа милионери Алан, Орен и Тал Александер, кои делувале во Мајами и Њујорк, се осудени на по 30 години затвор, седум месеци откако беа прогласени за виновни за дрогирање и силување жени во рамките на организирана шема за сексуална експлоатација. Федералните обвинители бараа доживотни казни, но судијката Валери Капрони оцени дека нивното однесување било „монструозно“, истовремено наведувајќи дека не смета оти браќата ја изгубиле секоја можност за поправка.
– Вашето однесување беше монструозно – им порача Капрони при изрекувањето на пресудата.
Судијката ги опиша браќата како луѓе кои од една страна биле претставувани како господа посветени на своите деца, а од друга страна како „садистички, мизогини сексуални предатори“.
Според обвинителството, браќата го користеле своето богатство, влијание и врски за да пронаоѓаат и да искористуваат жени. На судењето беа сослушани 11 жени, кои опишаа како, во текот на повеќе години, биле намамувани, дрогирани и сексуално нападнати.
Адвокатите на браќата признаа дека нивните клиенти понекогаш се однесувале нечувствително кон жените, но категорично негираа дека некој од нив силувал или сексуално нападнал друго лице.
Во текот на судењето, одбраната тврдеше дека сексуалните односи биле доброволни и дека некои од жените биле мотивирани и од финансиска корист.
– Сите нивни приказни беа извежбани. Тие сакаат пари – изјави адвокатката на Тал Александер, Дајана Пол, во завршното обраќање.
Браќата, кои цело време тврдеа дека се невини, побараа од судијката да им изрече најблаги казни. Секој од нив доби можност лично да ѝ се обрати на судијката пред изрекувањето на пресудата.
Орен Александер прв побара поблага казна. Тој повторно ги негираше обвинувањата за нападите и рече дека изградил нов живот и семејство.
– Мојот син има потреба од мене и морам да бидам покрај него. Ве молам, ваша чест, да ми ја изречете најблагата казна – рече Орен.
Тал Александер, кој зборуваше по него, изрази жалење за своите поранешни постапки.
– Човекот што денес стои пред судот не е истиот човек што некогаш бев… Би сакал да сум покажал поголема зрелост – изјави тој.
Последен се обрати Алан Александер, кој инсистираше дека е невин и дека никогаш не силувал жена. Тој се повика на своите две мали ќерки и побара милост од судот.
– Се плашам дека ќе бидам татко само на фотографија – рече тој.
Но, според „NBC News“, нивните обраќања очигледно не ја разубедиле судијката Капрони. Таа нагласи дека силувањата не биле последица на „култура на забави или необврзувачки сексуални односи“, како што ги претставувале браќата.
Според неа, целта не била само сексуалното насилство, туку и понижувањето на жените.
– Не се согласувам дека бракот би ги променил од сексуални предатори во нормални господа. Силувањето е прашање на моќ. Тоа што имате девојка или сопруга не значи дека нема да силувате или да понижувате жени – рече Капрони.
Покрај затворските казни од по 30 години, на браќата им се изречени и дополнителни 10 години надгледувано ослободување, како и задолжителен третман за сексуални престапници, кој мора да биде одобрен од службата задолжена за надзор на осудените.
Без одобрение од таа служба, нема да смеат да бидат во контакт со лица помлади од 18 години.
Близнаците Алан и Орен Александер, на возраст од 39 години, се казнети и со парични казни од по 300.000 долари. Нивниот брат Тал, кој има 40 години, ќе треба да плати 350.000 долари, објави „NBC News“.
Капрони најави дека ќе побара стручно мислење од Федералното биро за затвори за тоа дали браќата треба да бидат сместени заедно, бидејќи смета дека имаат негативно влијание еден врз друг.
Браќата во март беа прогласени за виновни по 10 точки од обвинението, меѓу кои и заговор за трговија со луѓе заради сексуална експлоатација и сексуална експлоатација со употреба на сила.
На судењето сведочеа 11 жени, од кои шест биле опфатени со обвинението. Тие раскажаа како биле намамувани, дрогирани и сексуално нападнати во текот на повеќе години.
Во поднесокот со кој обвинителите од Јужниот округ на Њујорк побарале изрекување казни, се наведува дека повеќе од 70 жени излегле со обвинувања за злоупотреба.
Пред изрекувањето на пресудата биле прочитани изјавите на 11 жртви, од кои некои користеле псевдоними доделени во судската постапка. Жените побарале казните да одговараат на длабоките и долготрајните последици што, според нивните сведочења, постапките на браќата ги оставиле врз нивните животи.
Една од жените, Маја Милер, ја опиша траумата што, според нејзиното сведочење, ја доживеала по силувањето од страна на Тал Александер.
– Во себе сум тивко погребана – изјави таа, пренесе „NBC News“.
Друга жена, Оливија Лејн, пред судот рече дека била „целосно онеспособена“ откако испила само една голтка од пијалак за време на средбата со Орен Александер. Таа сведочеше дека била силувана најмалку 12 пати додека била преплашена и трпела болки.
Потоа директно им се обрати на браќата.
– Слаби сте. Нечовечни сте. Никогаш не сте имале моќ, а погледнете се сега – рече таа.
Две жени сведочеа дека за време на нападите мажите имале речиси нечовечки поглед во очите.
– Очите им поцрнеа за време на нападот, како животни да ме растргнале – изјави Ајза Брукс.
– Се сеќавам дека го погледнав и видов монструозни, црни очи – рече Лејн.
Жените истакнаа и дека браќата за време на судењето не покажале каење ниту ја признале болката што, според нивните сведочења, им ја нанеле на жртвите.
Обвинителите во текот на судењето навеле дека браќата им ветувале на жените забави и патувања, по што ги силувале.
Една од жртвите сведочеше дека ја изгубила контролата врз своето тело откако испила пијалак со Алан Александер во клуб во Њујорк. Кога се разбудила, како што раскажала, двајцата биле голи на кревет.
Таа се обидувала да стане, но тој секојпат ја туркал назад.
– Кога му реков дека не сакам да имам сексуални односи со него, ми одговори: „Веќе си имала“ – сведочеше жената.
Браќата Александер, кои некогаш биле влијателни агенти за луксузни недвижности, ги отфрлија обвиненијата и преку своите адвокати тврдеа дека сексуалните односи биле доброволни. Судот, сепак, ги прогласи за виновни, а казните беа изречени по повеќегодишните обвинувања и сведочења за сексуално насилство.