СТУДЕНТИТЕ ДА НЕ СЕ КАЧУВААТ ПО РАДИЈАТОРИ И ДА ГИ ЧУВААТ ДОМОВИТЕ Јаневска понуди ваучерски систем за студентскиот оброк
Ваучерот ќе може да се користи во провајдери за храна - сендвичари, пекари, ресторани за да се користат средствата како субвенција за храна, а не за цигари, алкохол и други нивни потреби, оти законот е за субвенција на оброк.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска е уверена дека наскоро ќе се најде решение за студентскиот оброк. Продолжуваат разговорите со студентските претставници, а за денеска е предвидена и средба на премиерот и студентите.
Таа потврди дека студентите побарале покачување на износот за студентски оброк.
– Јас не сум рекла дека тие никогаш не побарале, побараа покачување со тоа што ние имаме договор со претходното раководство дека ќе го прошириме опсегот, а нема да ја покачиме сумата. Тоа им беше во тој момент поважно. Опсегот е проширен така како што сме се договориле. Сега тие имаат ново барање. По новото барање сум апсолутно сигурна дека ќе најдеме некакво решение и мислам дека сме блиску до тоа. Им понудивме ваучерски систем сличен на оној во Словенија, што беше барање на претходното раководство. Дури мислам дека нешто слично има и во некои други западноевропски земји. Апсолутно сум сигурна дека ќе најдеме решение, но гледам една мала дисонанца во континуитет на раководството на студентските собранија, а мислам дека не беа сосема доволно информирани за договорите што претходно сме ги имале со студентите – нагласи таа.
Ваучерот ќе може да се користи во провајдери за храна – сендвичари, пекари, ресторани за да се користат средствата како субвенција за храна, а не за цигари, алкохол и други нивни потреби, оти законот е за субвенција на оброк.
– Би сакала да кажам дека имаме двојно субвенционирање на оброкот, затоа што студентите кои се сместени во студентски домови веќе имаат храна. Но во ред е, ние сакаме да ги задоволиме потребите на нашите млади кои во иднина ќе ја водат оваа држава и ќе се договараме и понатаму со нив. Ќе видиме до кое решение ќе дојдеме – додаде Јаневска.
Осврнувајќи се на барањата за бесплатен јавен и меѓуградски превоз, Јаневска рече дека јавниот превоз не е во надлежност на Министерството за образование и наука. Таа додаде дека за меѓуградскиот превоз во моментов нема законска можност, но дека ова прашање може да се разгледува во иднина, во консултација со студентите.
– Менито за студентите се прави според калориска вредност. Не знам колку, што, имаат за вечера. Инаку, 20 години не е покачена станарината, односно повторно субвенционира државата оној дел за сместувањето кој студентите треба да го дадат како дел за сместување во домовите. По 20 години, во реновираните студентски домови, ќе биде покачена цената на сместувањето. Тоа е забелешка и од државната ревизија која вели дека студентските домови со таква партиципација не можат да опстојат. Досега од партиципацијата се плаќаше одржувањето на домовите, режијата, храната, сместувањето, сè, па и платите. Министерството ги презеде платите на вработените од партиципацијата и дел од партиципацијата, оти не може само со 6.600 денари да опстојат домовите – рече министерката Јаневска.
Таа нагласи дека ако државата не ја партиципира станарината, таа би била двојно или тројно поголема. Министерката најави дека за вториот семестар ќе биде отворен и студентскиот дом „Кузман Шапкарев“.
Таа истакна дека студентите добиваат сериозни услови за да можат нормално да живаат, истакнувајќи дека веќе нема бубашваби и глувци по домовиве.
– Сега го нема тоа. Сега имаат струја, имаат парно, имаат храна, имаат пристојни услови, меѓутоа во две години – толку се може. Есенва почнуваме реконструкција на втор лот на нови три студентски домови и веројатно, напролет, на сите останати други студентски домови. Така што полека-полека ги доведуваме работите во ред – соопшти министерката.
Министерката упати апел до студентите да се однесуваат одговорно кон заедничкиот имот, нагласувајќи дека државата вложува средства за да им обезбеди пристојни услови за живот и дека тие треба да придонесат во нивното зачувување.
– Апел до студентите, кога ќе вклучат микробранова да стојат до неа, да не се качуваат на радијаторите, а влажните марамчиња не се разградливи… Ќе ги преземеме сите неопходни мерки за да го зачуваме тоа што го градиме заедно со нив, се разбира. Не би сакала да генерализирам, има многу совесни студенти кои знаат каде се наоѓаат и кои со одговорност се однесуваат кон сè што се наоѓа во студентскиот дом. Ова ќе го сметаме за инцидент во првиот момент, а понатаму, ќе си ја преземат одговорноста – додаде министерката за образование и наука.
Таа повтори дека во домот „Стив Наумов“ имало непријатности направени од невнимание на студентите.
– Во договор со директорот, им рековме дека треба да ги потсетат студентите на куќниот ред. Предвидени се казни, предвидени се опомени за првата грешка, а после тоа – казни до бркање од студентскиот дом, односно забрана за престој во студентски дом. И мислам дека нашите студенти мора да бидат свесни дека општото добро што државата го гради за нив – тие ќе мора поинаку да го гледаат отколку досега, односно ќе треба да водат грижа, затоа што тоа е од нив за нив – рече Јаневска.