СВЕТСКА БАНКА ГО ЗГОЛЕМИ ПРЕДВИДЕНИОТ РАСТ НА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА Во вториот квартал имаме највисок раст во Западен Балкан

За Македонија, ова претставува важна оценка за досегашните економски движења, но и јасна насока за политиките кои треба да продолжат во наредниот период – рече Митева.

80

Светската банка ја зголеми прогнозата за економскиот раст на Македонија во 2026 година на 3,2 проценти, додека во вториот квартал земјава остварила раст од 4,3 проценти, највисок меѓу шесте економии во Западен Балкан, изјави владината портпаролка Марија Митева.

Според редовниот економски извештај на Светската банка за Западен Балкан, објавен на 27 октомври, прогнозата за растот на македонската економија е зголемена за 0,3 процентни поени во однос на претходните проекции.






Митева се повика и на извештајот на Европската комисија, објавен на 20 октомври, според кој економскиот раст на Македонија забрзал од 3,1 процент во првиот квартал на 4,3 проценти во вториот, над регионалниот просек од 3,6 проценти.

– Особено е важно што оваа оценка доаѓа во период на сериозни глобални економски предизвици, геополитичка неизвесност, ценовни, но и енергетски притисоци, како и забавена економска активност кај дел од нашите најзначајни трговски партнери. За Македонија, ова претставува важна оценка за досегашните економски движења, но и јасна насока за политиките кои треба да продолжат во наредниот период – рече Митева.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во вториот квартал градежништвото остварило реален раст од 21,9 проценти, преработувачката индустрија од 4,1 процент, а секторот информации и комуникации од 4,3 проценти. Финалната потрошувачка бележи номинален раст од седум проценти.

– Тоа се конкретни економски показатели кои говорат за зголемена активност во повеќе значајни сектори. Особено важен е растот на градежништвото, како сектор кој директно и индиректно влијае врз голем број други стопански дејности, домашните компании, транспортот, производството, но и инфраструктурниот развој – рече портпаролката на владата.

Митева нагласи дека позитивните статистички показатели не значат дека се надминати сите економски предизвици, бидејќи граѓаните го чувствуваат животниот стандард преку приходите, можностите за работа и цените на производите и услугите.

Таа порача дека Владата останува посветена на одржување на економскиот раст, стабилноста на јавните финансии и спроведување реформи што треба да придонесат за подобрување на животниот стандард.

Поврзани содржини