ОТКАЖЕТЕ ГО ТЕРМИНОТ АКО НЕ ПЛАНИРАТЕ ДА СЕ ВАКЦИНИРАТЕ ПРОТИВ ГРИП! Нова тура од 30.000 вакцини доаѓа до крајот на ноември

90

Вакцинацијата против сезонски грип забрзува, вакцини има доволно за сите, порача министерот за здравство Сашо Клековски.

Од почетокот на кампањата на 14 октомври, досега се пријавени вкупно 66.821 граѓанин, со просек од 4.455 пријави дневно. Најголем дел од пријавените се лица над 65 години, па следат хроничните болни. Најмногу пријави има во Скопје (19.767), Битола (4.845), Прилеп (3.844), Струмица (3.585) и Тетово (3.581).






Досега се закажани 6.710 термини, а вакцинирани се 3.266 граѓани. Во последните три работни дена по околу илјада лица дневно се вакцинирани. Реализацијата на термините што веќе поминале изнесува 86,7%, а 503 граѓани (13,3%) не се појавиле на закажаниот термин.

– Ги повикуваме граѓаните што не можат да дојдат навреме да го откажат терминот, за тој да се додели на друг пријавен. Денес ќе започне нова група закажувања, со што бројот ќе се зголеми на околу 1.700 вакцинации дневно. Денеска е склучен договор за дополнителни 26.000 вакцини, од производителот Санофи, кои ќе пристигнат до 15 ноември, или досега вкупно 56.000 вакцини, а најавени се уште 30.000 вакцини до крајот на ноември. Со тоа ќе бидат обезбедени вкупно 86.000 вакцини – најмногу досега, и околу 20.000 повеќе од бројот на моментално пријавени граѓани – најави Клековски.

Сезоната на грип е најизразена во јануари и во февруари. Вакцинацијата спроведена до првата недела од јануари обезбедува навремена заштита.

Клековски додаде дека Словенија и Хрватска ќе започнат со вакцинација во ноември и оцени дека и тоа не е доцна.

– Вакцини има доволно за сите пријавени, затоа ги молам граѓаните за трпение – секој ќе биде повикан на термин. Исто така, од неделава тимови на здравствените домови вакцинираат во домови за стари лица, а од следната недела и во центрите за дијализа – додаде министерот за здравство, Сашо Клековски.

Поврзани содржини