ОБЈЕКТИ СО ВРЕДНОСТ ОД 1 ДЕНАР СЕ НАСЛЕДЕНА ЛОША ЕВИДЕНЦИЈА Андоновски сака да воспостави ред во управувањето со државниот имот

Од Министерството за дигитална трансформација велат дека веќе преземаат активности за расчистување на имотната состојба, усогласување на евиденциите, обезбедување на потребната документација и воспоставување ред во управувањето со државниот имот.

90

Ревизорските наоди откриваат наследени проблеми стари повеќе од една деценија – дел се веќе надминати, за останатите активно се постапува, соопшти Министерството за дигитална трансформација од каде велат дека ги разгледуваат со должно внимание сите наоди и препораки на Државниот завод за ревизија.

„Најголем дел од констатираните проблеми се наследени состојби од поранешното Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА), кои се акумулирале со години, а дел од нив повеќе од една деценија. Новото Министерство за дигитална трансформација, формирано во 2024 година, наследи нецелосни евиденции, нерешени имотно-правни прашања, судски постапки и административни пропусти кои претходно не биле соодветно адресирани.






Особено е важно да се нагласи дека целосен и суштински попис на имотот не бил спроведуван во изминатите десет години, што довело до сериозни неусогласености меѓу фактичката состојба, сметководствената евиденција и расположливата документација. Наведените објекти со книговодствена вредност од еден денар се токму пример за ваквата наследена и неуредна евиденција, а не показател за нивната реална пазарна вредност“, се наведува во соопштението од министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

Оттаму велат дека веќе преземаат активности за расчистување на имотната состојба, усогласување на евиденциите, обезбедување на потребната документација и воспоставување ред во управувањето со државниот имот. Дел од забелешките се веќе надминати, додека за останатите се спроведуваат конкретни корективни мерки.

„Министерството наследи и повеќе судски постапки кои произлегуваат од одлуки и обврски создадени во претходните години. Овие предмети се разгледуваат поединечно, во соработка со надлежните институции, со цел нивно законито разрешување и минимизирање на финансиските последици врз државниот буџет. Станува збор за правни и финансиски обврски кои не исчезнуваат со промената на раководството, туку мора одговорно да се решаваат“, се додава во соопштението.

Во однос на наодите за јавните набавки, финансиската евиденција и внатрешните контроли, Министерството веќе дало одговор на Заводот за ревизија дека станува збор за исплата на набавки на други институции, каде што министерството е корисник (чистење и обезбедување на објекти, службени патувања и телефонија).

„Свесни сме и за предизвиците со недостигот од кадар, кои дополнително се усложнуваат поради разликата во висината на платите во државниот и во приватниот ИТ сектор. Зајакнувањето на административните и стручните капацитети останува еден од приоритетите на Министерството. Нашиот пристап не е проблемите да ги прикриваме или да ги оставаме на некое следно раководство. Напротив, решени сме да го расчистиме институционалното наследство, без оглед колку долго овие прашања биле занемарувани“, се додава во соопштението од Министерството за дигитална трансформација.

 

 

Поврзани содржини