ХОЛАНДИЈА ПОВТОРНО СЕ ПОВЛЕЧЕ ОД ЕВРОСОНГ Само еден месец по најавата за враќање, холандската јавна радиодифузија пак ја смени одлуката

Холандија нема да испрати свој претставник на Евросонг 2027 во Бургас, иако во септември беше најавено дека ќе се врати на натпреварот. Националната јавна радиодифузија не успеала да обезбеди доволна поддршка меѓу медиумските куќи, а спорот околу учеството на Израел и понатаму предизвикува поделби.

47

Холандија сепак нема да учествува на Евросонг 2027, иако пред само еден месец беше најавено дека ќе се врати на музичкиот натпревар. Холандската јавна радиодифузија НПО (NPO) ја смени одлуката по разговорите со медиумските куќи, заклучувајќи дека нема доволна поддршка за учество во следното издание.

Одлуката доаѓа откако во август радиодифузерот АВРОТРОС (AVROTROS), кој со години беше задолжен за холандскиот претставник, соопшти дека нема да учествува на Евросонг 2027. Како причина ги наведе војната во Газа, хуманитарните страдања и сомнежите во неутралноста на натпреварот поради учеството на Израел.






Во септември се чинеше дека Холандија сепак ќе се врати на сцената. НПО најави дека ќе ја преземе одговорноста за изборот на претставникот, со поддршка на независен тим експерти, додека за телевизискиот пренос ќе се погрижи НОС (NOS). Но, планот не доби доволна поддршка во рамките на холандскиот јавен радиодифузен систем.

Претседателката на управниот одбор на НПО, Јет де Раниц, изјави дека организацијата разговарала со медиумските куќи за да утврди дали некоја од нив е подготвена да го поддржи настапот на холандски изведувач. Иако на почетокот се чинело дека постои доволна поддршка за враќање, не бил пронајден соодветен начин за реализација на учеството.

– Разбираме дека ова е разочарување за сите што се радуваа на холандски претставник на Евросонг. Веруваме дека натпреварот припаѓа на јавната телевизија, како еден од најголемите меѓународни културни настани посветени на музиката, поврзувањето и различноста – порача Де Раниц.

Таа додаде дека НПО смета оти е прерано Холандија да учествува на Евросонг 2027, со оглед на чувствителноста на темите што предизвикуваат поделби меѓу јавноста и вработените во медиумските куќи.

Спорот околу учеството на Израел останува главната причина за несогласувањата. АВРОТРОС претходно оцени дека измените што ги најави Европската радиодифузна унија (ЕБУ) не се доволни за да се врати довербата во независноста и неутралноста на натпреварот. Во Холандија дополнително имало и противење од вработени во јавните медиуми, кои побарале преиспитување на одлуката за враќање.

Иако нема да испрати свој изведувач во Бургас, Холандија сепак ќе го пренесува Евросонг на јавната телевизија. За емитувањето, коментарите и најавите и понатаму ќе биде задолжен НОС.

Евросонг 2027 ќе се одржи во бугарскиот град Бургас. Полуфиналните вечери се закажани за 11 и 13 мај, а големото финале за 15 мај. Повлекувањето на Холандија е нов удар за натпреварот, кој во последните години се соочува со поделби поради политичките и геополитичките прашања поврзани со учеството на одделни земји.

Поврзани содржини