ЗА ПРВ ПАТ ИЗВРШЕНА ТРАНСПЛАНТАЦИЈА НА БУБРЕГ НА ДЕТЕ СО АЛПОРТОВ СИНДРОМ Органот го донираше неговата мајка
Овој случај покажува дека со соодветна дијагностика, темелна медицинска процена и внимателна подготовка, трансплантацијата може да биде можност и за пациенти со ретки генетски заболувања, соопшти Министерството за здравство.
Во Македонија првпат е извршена трансплантација на бубрег од мајка на дете со Алпортов синдром, ретка наследна генетска болест која го оштетува бубрежното ткиво и може да доведе до бубрежна слабост, информира Министерството за здравство.
По спроведените потребни медицински испитувања, утврдена е компатибилност меѓу донорот и примателот, а мајката е оценета како соодветен жив дарител. Нејзината одлука му даде на детето нова шанса за живот, а интервенцијата претставува значаен медицински успех во третманот на пациентите со ретки заболувања.
– Ова е пример за најдоброто во нашето здравство – стручност, тимска работа и човечност. Секој трансплантиран бубрег значи нова шанса за живот – вели министерот за здравство, Сашо Клековски.
Алпортовиот синдром е ретка наследна болест која го зафаќа бубрежното ткиво, а во потешките случаи може да доведе до бубрежна слабост и потреба од дијализа.
Овој случај покажува дека со соодветна дијагностика, темелна медицинска процена и внимателна подготовка, трансплантацијата може да биде можност и за пациенти со ретки генетски заболувања.
– Упатуваме благодарност до семејството за довербата и за согласноста случајот да биде јавно споделен, како и до целиот медицински тим кој деноноќно е вклучен во оваа сложена медицинска постапка – изјави проф. д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација.
Пред неколку дена министерот Клековски ги посети пациентите на кои им беше извршена трансплантација на бубрег на Универзитетската клиника за урологија – двајца пациенти кај кои е трансплантиран бубрег од починат дарител и еден со извршена трансплантација од жив дарител. Со овие 3 трансплантации, вкупниот број трансплантации на бубрег на Универзитетската клиника за урологија годинава достигна 15, во споредба со 11 трансплантации во текот на цела 2025 година.