ЃОРЃЕ ДАВИД СЕ ИЗВИНИ ЗА ГРЕШКАТА СО МАКЕДОНСКАТА ПЕСНА Ја претставил како „стара бугарска“ зашто ја слушал во Бугарија
Им се извинувам на браќата Барбаровски кои ја напишаа песната, за која бев убеден дека е обработка од бугарска песна – вели Давид во видеообраќање.
Српскиот пејач и телевизиски водител Ѓорѓе Давид им се извини на македонската јавност и на авторите на песната „Дали чекаш стара мајчице“, браќата Барбаровски, откако предизвика реакции со тврдењето дека станува збор за обработка на стара бугарска песна.
– Им се извинувам на браќата Барбаровски кои ја напишаа песната, за која бев убеден дека е обработка од бугарска песна – вели Давид во видеообраќање објавено на неговиот профил на Инстаграм, пренесе Радио Канал 77.
Тој објаснува дека песната првпат ја слушнал во Бугарија пред околу година и пол и дека тогаш не знаел кој стои зад неа.
– Браќа Барбаровски, се извинувам. Не се жестите, сите знаат колку ја сакам Македонија, така што на секого му се поткраднува грешка – порачува Давид.
Во извинувањето тој споменува и дека песната ја слушнал во изведба на друг пејач, но не наведува дополнителни детали за таа изведба.
Реакцијата на Давид дојде по спорот околу неговиот настап во музичкото шоу „Ѕвездите на Гранд“, каде што македонската песна беше претставена како „стара бугарска“. Случајот предизвика реакции во Македонија и барања водителот јавно да им се извини на авторите и на македонската јавност.