ПОЖАР ИЗБИ НА ТОВАРЕН БРОД ВО ВОДИТЕ НА РОМАНИЈА Осум морнари се водат за исчезнати

Некои од романските медиуми објавија дека бродот бил погоден од два дрона, но засега нема официјална потврда за тоа од романските власти.

30

Координативниот центар на Романската поморска администрација денеска презеде итна операција за спасување откако избувна пожар на трговски брод во Црното Море.

Бродот „Вајд трејдер“, што плови под знамето на Сан Марино, испратил сигнал за помош дека осум лица се исчезнати по избувнувањето пожар. Бродот се наоѓа на 13 наутички милји југоисточно од Сулина.






Сè уште е непознато дали бродот бил погоден од дрон, но борбени авиони синоќа полетале поради група беспилотни летала, што биле забележани во областа на Сулина и на украинскиот Змиски Остров, што се наоѓа во близина на романскиот брег.

– На бродот имаше 12 лица. Четворица од нив се безбедни, а осум во моментот се водат за исчезнати. Поморскиот координативен центар и структурите за спасување итно мобилизираа специјализирани бродови и авиони. Хеликоптер на Генералниот воздухопловен инспекторат полета, а бродот за пребарување и спасување „Аполо“, во сопственост на Романската агенција за спасување човечки животи на море, е испратен во областа – се наведува во соопштението на Романската поморска администрација.

Некои од романските медиуми велат дека бродот бил погоден од два дрона.

Министерот за одбрана на Романија, Раду Мирута, синоќа изјави дека на комерцијален брод закотвен во романските територијални води, во близина на украинската граница, избувнал пожар по експлозија.

Тој наведе дека сè уште е непознато дали пожарот бил предизвикан од напад со беспилотно летало бидејќи романската противвоздушна одбрана не детектирала беспилотни летала во тој регион. Бродот е упатен кон романското пристаниште Констанца во Црното Море, каде што е планирана истрага за причината за пожарот.

Мирута посочи дека екипажот на бродот, кој плови под знамето на Коморите, успеал сам да го изгасне пожарот пред пристигнувањето на романските спасувачки екипи. Никој од 17-те члена на екипажот од Сирија, Индија и од Иран не е повреден.

Пред девет дена турски трговски брод што превезувал жито беше погоден од беспилотно летало и потона во близина на романскиот град Сфнту Георге на Црното Море, при што загинаа двајца членови на екипажот.

Нападите со беспилотни летала врз трговски бродови во Црното Море сè се почести. Изминатите денови неколку бродови беа погодени и во економската зона на соседна Бугарија во Црното Море.

Поврзани содржини