СО ГРАДСКИОТ ВОЗ ЗЕЛЕНИКОВО-СКОПЈЕ СЕ ВОЗАТ ПО 300 ПАТНИЦИ ДНЕВНО Заврши проектирањето на делниците од Волково и од Миладиновци

Доколку успееме да создадеме функционален и интегриран систем на градски воз со три линии, на меѓуградски воз со Велес, Куманово, Тетово, Гостивар и на тоа ги додадеме електричните автобуси и системот БРТ, ние сме го решиле проблемот со загадувањето во делот на сообраќајот, вели министерот за транспорт Александар Николоски.

2

Во градскиот воз од Зелениково до Скопје се возат по 300 патници дневно, што е бројка која не беше очекувана, рече министерот за транспорт Александар Николоски.

– Ние имаме градски воз во кој што никој не веруваше. Никој не веруваше ни од опозицијата, ни од поголемиот дел од јавноста. Бројките, да бидам искрен со вас, се подобри од она што го очекував. Веќе сме некаде на околу 300 патници дневно. Тоа се 300 возила помалку во центарот на градот. Тоа се 300 нервози помалку во центарот на градот и тоа се 300 луѓе коишто навреме стигнуваат – рече Николиски во гостување на Радио Лидер.






Во моментов завршува проектирањето за двете други линии од градскиот воз, од Волково и од Миладоновци, додаде тој.

– За неколку недели ќе излезат тендерите, штом избереме изведувач почнуваме со градба и како што ветивме, на почетокот на 2028 година ќе имаме уште две траси, со што цело Скопје ќе го опфатиме – истакна Николоски.

Планот е целиот јавен превоз во Скопје да се интегрира, со што ќе се влиаје и врз аерозагадувањето.

– Првата фаза е дел од една поголема визија на Владата за градот Скопје, за растоварување на сообраќајот и за намалување на загадувањето. Имено, доколку успееме да создадеме функционален и интегриран систем на градски воз со три линии, на меѓуградски воз со Велес, Куманово, Тетово, Гостивар и на тоа ги додадеме електричните автобуси и системот БРТ, ние сме го решиле проблемот со загадувањето во делот на сообраќајот. После тоа ќе остане проблемот во делот на загревањето, кој што е поголем фактор во загадувањето на Скопје – рече министерот Николоски.

Поврзани содржини