КРЕМЉ ГИ ОТФРЛА ТВРДЕЊАТА ЗА РУСКА „ВОЈНА ОД СЕНКА“ Песков тврди дека Германија создава „привиден непријател“ 

Шефот на германската разузнавачка служба Мартин Јегер предупреди на ризик од насилен конфликт со Русија, додека Кремљ ги отфрла обвинувањата и го поврзува зголемувањето на германските воени трошоци со руската закана.

173

Кремљ ги отфрли предупредувањата на шефот на германската Федерална разузнавачка служба (БНД), Мартин Јегер, дека Русија води сè поагресивна „војна од сенка“ против европските демократии.

Јегер вчера пред германскиот парламент изјави дека конфронтацијата со Русија добила „нова, поопасна димензија“ и предупреди дека Германија ризикува да биде вовлечена во насилен конфликт со Москва. Како еден од примерите тој го посочи обидот за напад во Лајпциг.






Според Јегер, Русија води необјавена „војна од сенка“ против Германија и нејзините сојузници, преку активности кои германските власти ги поврзуваат со саботажи, сајбернапади и други хибридни операции.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги отфрли ваквите тврдења како неосновани. Според него, Берлин ја користи руската закана за да го оправда зголемувањето на воените трошоци.

Германската влада веќе планира значително зголемување на издвојувањата за одбрана. Според официјалните буџетски планови, германските одбранбени расходи треба постепено да се зголемуваат и до 2029 година да достигнат 3,5 отсто од БДП, во согласност со целта на НАТО.

Русија, пак, постојано ги отфрла обвинувањата дека планира напад врз земја членка на НАТО. БНД исто така наведува дека во моментов нема индикации за план за голем руски воен напад врз членка на Алијансата, но предупредува на можни ограничени руски воени активности, особено во балтичкиот регион.

Поврзани содржини