📽️ ТЕМЕЛНО СЕ ЧИСТАТ КАМЕНИОТ МОСТ И ПЛОШТАДОТ Со специјално средство се отстрануваат графити од лицето на градот

Од Камениот мост и плоштадот се отстрануваат графити, натписи и насобрана нечистотија со специјални средства. Привршуваат и работите за архитектонското осветлување на мостот и повторното пуштање на подната фонтана, соопшти градоначалникот на Скопје.

166

Камениот мост и плоштадот „Македонија“ темелно се чистат, а паралелно привршуваат активностите за ново архитектонско осветлување на мостот и повторно пуштање во употреба на подната фонтана, соопшти градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Екипите ги отстрануваат натписите, графитите и насобраната нечистотија, при што се користат специјално средство и чистење под притисок.






Ѓорѓиевски вели дека плоштадот „Македонија“ и Камениот мост се меѓу најпрепознатливите обележја на главниот град и места преку кои многу туристи ја добиваат првата слика за Скопје.

„Плоштадот ‘Македонија’ и Камениот мост се лицето на нашиот град. Тука се среќаваат генерации, се пречекуваат гости и се создаваат спомени што остануваат за цел живот“, напиша Ѓорѓиевски.

Покрај чистењето, според градоначалникот, при крај се и активностите за архитектонско осветлување на Камениот мост.

Најавено е и повторно пуштање во употреба на подната фонтана на плоштадот, за која Ѓорѓиевски вели дека со години била оставена да пропаѓа.

„Светлината и водата повторно ќе внесат живот и убавина во срцето на градот“, порача тој.

Градоначалникот упати и апел до граѓаните да се грижат за јавниот простор и градските обележја.

„Скопје заслужува да биде чисто, уредено и гордо на своите обележја. А сите ние имаме обврска да го чуваме она што ни припаѓа заеднички“, напиша Ѓорѓиевски.

Тој порача дека обновувањето и уредувањето на центарот ќе продолжат.

„Чекор по чекор, со работа и посветеност, го враќаме духот на Скопје!“, порача Ѓорѓиевски.

Поврзани содржини