ВИНАРНИЦИТЕ И ПРЕРАБОТУВАЧИТЕ НА ОРИЗ ЌЕ ДОБИЈАТ КРЕДИТИ ЗА ДА ГО ПЛАТАТ ОTКУПЕНОТО Серафимовски најави дека земјоделците навреме ќе ја добијат „зелена нафта“

Министерот за земјоделство рече дека исплатата на земјоделците за откупените количини производи засега е приоритет.

71

Oткупот на винското грозје е во завршна фаза, зголемува откупната цена на црвената пиперка, а во тек е и подготовка на кредитна линија во вредност од 794 милиони денари за поддршка на ликвидноста на преработувачите и навремена исплата кон производителите, информира денеска министерот за земјоделство Борче Серафимовски.

Во однос на годинашниот гроздобер, Серафимовски посочи дека најголемиот дел од реколтата веќе е откупен и преработен.






– Откупот на винското грозје е во завршна фаза. Досега винарниците во своите визби прифатија и преработија речиси 80 милиони килограми грозје, вклучувајќи го и сопственото производство. Дополнително, извезени се околу 13 милиони килограми грозје, со што вкупната количина на грозје од досегашната берба достигна околу 93 милиони килограми – рече Серафимовски.

Тој нагласи дека навремената исплата на лозарите останува институционален приоритет.

– Во завршна фаза се административните постапки за кредитната линија што ќе се реализира преку Развојната банка, со која винарниците ќе имаат пристап до 794 милиони денари, односно околу 12,8 милиони евра. Оваа финансиска поддршка ќе ја зајакне нивната ликвидност и ќе создаде услови за навремено исполнување на обврските кон лозарите за откупеното грозје – нагласи Серафимовски.

Тој додаде дека кредитната линија ќе биде достапна и за преработувачите на ориз.

Во однос на црвената пиперка, тој информираше дека се бележи раст на откупната цена и континуитет во откупот и извозот.

– Според последните информации, во Прилепскиот регион просечната откупна цена на црвената пиперка од сортата „куртовска капија“ е зголемена и моментално изнесува околу 25 денари за килограм при предавање во откупен центар. Во двата најголеми производствени региони за оваа сорта, досега се откупени вкупно 44 милиони килограми пиперка, и тоа 11 милиони килограми во откупните центри во Кривогаштани и 33 милиони килограми во откупните центри во Струмица – рече министерот.

Паралелно, како што соопшти, извозот на пиперка веќе се приближува до минатогодишното ниво, кога беа извезени 15,5 милиони килограми пиперка.

– Од досегашната реколта на црвена пиперка, досега се извезени 15 милиони килограми, при што откупот сè уште трае и ќе продолжи – додаде Серафимовски.

Осврнувајќи се на контролите во откупните центри, тој рече дека Комисијата за заштита на конкуренцијата веќе утврдила индиции за можни прекршувања.

– Предмет на проверка беа откупот на пиперката и јаболкото, начинот на формирање и менување на цените и условите за откуп. Комисијата информираше дека се утврдени индиции за можни прекршувања и дека анализата продолжува. Министерството нема да се меша во нејзиното одлучување, но ќе продолжи да ги користи сите законски механизми за заштита на законитоста и фер пазарните односи – рече министерот.

За производителите на јаболко, како што посочи, приоритет е исплатата на поддршката за предаденото јаболко.

– Откупната цена е пазарна категорија и Министерството не ја определува административно. Нашата улога е да обезбедиме законско постапување и контрола на откупот, а конкретен приоритет е исплатата на финансиската поддршка од 2 денари за килограм јаболко од бербата во 2024 година, кое е предадено до 30 јуни 2025 година. Станува збор за средства во висина од околу 150 милиони денари – рече Серафимовски.

Во пресрет на есенските земјоделски активности, тој најави почеток на распределбата на картичките за зелена нафта.

– За оваа мерка обезбедивме 584 милиони денари. Поддршката ја зголемивме за 12,3%, со што директно го намалуваме трошокот за гориво во периодот кога земјоделците повторно се активни на нивите – рече министерот.

Серафимовски се осврна и на измените во млечниот сектор при што нагласи дека правилникот за квалитетот на млекото и млечните производи е изменет со цел да се ограничи употребата на млеко во прав, реконституирано млеко и палмина маст во производството.

– Максимално дозволеното количество на овие состојки треба да биде од 1 до 2%. На овој начин создаваме поголем простор домашното сурово млеко да биде откупувано од млекарниците, ја зајакнуваме заштитата на потрошувачите и воспоставуваме повисоки стандарди за производите што се пласираат на пазарот – рече тој.

Поврзани содржини