АМЕРИКАНСКИ МАРИНЕЦ УАПСЕН ЗА УБИСТВО НА ЖЕНА ВО ОКИНАВА Токио бара од САД да ги дисциплинира своите војници

Јапонската премиерка Санае Такаичи го опиша ова дело како брутален и свиреп грабеж и убиство и соопшти дека побарала од САД да спроведат построга дисциплина за својот персонал.

65

Припадник на американските маринци е уапсен под сомнение за убиство откако во хотел во Окинава било пронајдено тело на жена, соопштија локалните јапонски власти. Јапонската премиерка Санае Такаичи го опиша ова дело како брутален и свиреп грабеж и убиство и соопшти дека побарала од САД да спроведат построга дисциплина за својот персонал.

Јапонскиот јавен сервис „Ен-Ејч-Кеј“ објави дека жртвата е 39-годишната Јаги Ана, а осомничениот е 20-годишниот Девин Џејкоб Балард, стациониран во воздухопловната база на американските маринци Футенма.






Телото на жената било пронајдено во саботата рано наутро во хотел во градот Наха, главен град на префектурата Окинава, соопшти јапонскиот министер за одбрана Шинџиро Коизуми. Тој на социјалните мрежи напиша дека ваквиот настан е целосно неоправдлив и предизвикува силно негодување, додавајќи дека инцидентите и несреќите во кои учествуваат американски војници создаваат голема вознемиреност кај локалното население и никогаш не смеат да се случуваат.

Од американскиот марински корпус преку социјалните мрежи соопштија дека активно соработуваат со јапонските власти во врска со обвинувањата за тешки криминални дејствија на маринецот и упатија сочувство до семејството на жртвата. Американската амбасада во Токио соопшти дека целосно соработува со јапонската влада и локалната полиција, а јапонското Министерство за надворешни работи соопшти дека го повикало американскиот амбасадор Џорџ Глас на разговор во недела.

Гувернерот на Окинава, Гента Коџа, изјави дека префектурата постојано барала мерки од САД за спречување на вакви инциденти и додаде дека ова кривично дело го смета за одраз на недостиг на дисциплина. Тој кажа дека повторувањето на вакви настани упатува на заклучок оти напорите на американската војска за одржување ред, едукација на персоналот и сличните мерки се целосно неефикасни.

Во префектурата Окинава се наоѓаат неколку американски воени бази и десетици илјади американски војници.

Поврзани содржини