СТИГНУВАЛЕ ДО ДЕЦА ПРЕКУ ЛАЖНИ ПРОФИЛИ Петмина уапсени во акцијата „Армагедон“ низ Србија
Пет лица се уапсени, а против уште едно е поднесена кривична пријава во големата полициска акција против сексуална експлоатација на деца преку интернет. При претресите полицијата запленила компјутери и телефони со голема количина спорни материјали и пораки со сексуална содржина.
Пет лица се уапсени низ Србија, а против уште едно е поднесена кривична пријава во продолжението на полициската акција „Армагедон“. Акцијата била насочена против сексуалната експлоатација и злоупотребата на деца преку интернет.
Истражителите се сомневаат дека осомничените подолг период преземале, чувале и споделувале фотографии и видеоснимки поврзани со сексуална експлоатација на деца. Дел од нив, според сомневањата, оделе и чекор понатаму – отворале лажни профили на социјалните мрежи за директно да контактираат со малолетници, пишуваат српските медиуми.
Преку тие профили им испраќале недозволени содржини и се обидувале да добијат експлицитни материјали, соопшти српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ.
Акцијата е спроведена по налог на Вишото јавно обвинителство во Белград, преку Посебното одделение за борба против високотехнолошки криминал. Во претресите и апсењата учествувале полициски единици од Белград, Прокупље, Суботица и Сремска Митровица, како и граничната полиција.
При проверката на компјутерите, мобилните телефони и другата електронска опрема била пронајдена поголема количина материјали поврзани со злоупотреба на малолетници, како и комуникација со сексуална содржина.
Во еден од случаите истражителите се сомневаат дека осомничен преку лажни профили воспоставил контакт со дете, од кое барал и добил експлицитни фотографии.
На петтемина уапсени им е определено полициско задржување до 48 часа, по што треба да бидат спроведени пред надлежното обвинителство. Против шестото лице е поднесена кривична пријава.
Дачиќ соопшти дека истрагата продолжува за да се утврдат целосниот обем на активностите и сите околности во случајот.
Тој предупреди дека ваквите фотографии и снимки не треба да се споделуваат, бидејќи зад секоја од нив стои дете кое било жртва на злоупотреба.
Српското МВР ги повика родителите и старателите да разговараат со децата за опасностите на интернет и да ги охрабрат веднаш да пријават вознемирувачки пораки или барања за интимни фотографии.