ХАЛИ БЕРИ ОБВИНЕТА ДЕКА ГО ДАВЕЛА 12-ГОДИШНИОТ СИН Оливие Мартинез тврди дека актерката во повеќе наврати била насилна кон нивното заедничко дете
Хали Бери привремено остана без заедничкото старателство над 12-годишниот син откако Оливие Мартинез ја обвини дека физички го нападнала. Актерката ги негира обвиненијата.
Хали Бери е обвинета за физичко насилство врз својот 12-годишен син Мејсио. Обвиненијата ги изнел нејзиниот поранешен сопруг Оливие Мартинез, кој побарал и привремена забрана за приближување на актерката.
Според судските документи, Мартинез тврди дека инцидентот се случил на 26 септември. Тој наведува дека Бери тргнала кон нивниот син, го фатила со рацете за врат и почнала да го дави. Во домот, наводно, во тој момент бил и свршеникот на актерката, Ван Хант.
Според верзијата на Мартинез, конфликтот започнал откако Бери му кажала на Мејсио дека изгледа „глупаво“ и дека е „вистински идиот“ затоа што си игра со очила за виртуелна реалност. Потоа, според неговото тврдење, дошло до физички конфликт меѓу мајката и синот.
Во документите Мартинез наведува дека Бери го фатила Мејсио за врат и почнала да го дави, притоа викајќи: Кој е сега доминантен?! Кој е доминантен?!
Мартинез тврди дека неговиот син по наводниот инцидент во паника му се јавил и го замолил да дојде по него. Според неговите наводи, Мејсио рекол дека не сака да се врати дома кај мајка му затоа што е „трауматизиран“.
Поранешниот сопруг на актерката во судските документи тврди и дека ова не бил изолиран случај. Тој наведува дека во изминатата година ипол Бери во повеќе наврати физички се пресметувала со синот и го соборувала на земја.
Мартинез изнел и тврдења дека Бери му нанела психичка и емоционална болка на Мејсио преку изјави поврзани со неговото потекло. Според неговите документи, таа наводно му рекла дека неговиот татко е „бела кучка која се обидува да ограби црнка“, во контекст на нивниот спор околу издршката за детето.
Мартинез во барањето наведува и дека има „сериозни причини за загриженост“ за состојбата на Бери, притоа тврдејќи дека таа има проблем со злоупотреба на алкохол и дека тоа, според неговото мислење, придонело за нејзиното наводно насилно однесување.
Мартинез побарал целосно старателство над Мејсио, како и забрана за приближување и кон него и кон синот. На Бери ѝ е привремено одземено досегашното заедничко старателство, кое е заменето со право на посети. Таа може да го гледа синот два дена во неделата и секој втор викенд, според судски определен распоред. Исто така, не смее да му се приближи на Мартинез на помалку од 90 метри.
Следното рочиште е закажано за 16 октомври.
Адвокатката на Хали Бери, Марина Бек, остро ги отфрла обвиненијата на Мартинез. Неговите судски документи ги оценила како целосно неосновани и намерно погрешно претставени.
Таа тврди дека постојат бројни судски одлуки со кои е утврдено дека Мартинез повеќепати прекршувал судски налози и се мешал во потребните терапевтски и образовни интервенции за нивниот син. Според адвокатката, Мартинез веќе бил правно санкциониран за таквото однесување.
Бек дополнително тврди дека Мартинез има документирана историја на непредвидливо, посесивно и насилно однесување.
– Хали е навикната на ваквото скандалозно однесување на Мартинез и, иако е длабоко потресена, нема да дозволи тоа да ја одврати од борбата за најдобриот интерес на Мејсио и од обезбедувањето на љубовта и поддршката што му се потребни – изјавила адвокатката.
Хали Бери и Оливие Мартинез се венчаа во 2013 година и беа во брак две години. Се разделија во октомври 2015 година, но нивната бракоразводна постапка траеше уште осум години.
Во септември 2024 година Бери тврдеше дека потрошила повеќе од 200.000 долари во обидите за заедничко родителство со Мартинез во текот на нивната долгогодишна битка околу старателството.
Тогаш актерката наведе дека направила сè што било можно за да соработува со Мартинез, да комуницира со него и да го вклучи во одлуките поврзани со нивниот син, но дека тој одбивал заедничко родителство и комуникација насочена кон доброто на детето.
Мејсио е единствениот син на Бери и Мартинез. Актерката има и ќерка Нала од поранешната врска со Габриел Обри.