СЕ ОТВОРА СТУДЕНТСКИОТ ДОМ „СТИВ НАУМОВ“ Наскоро ќе се отвори и домот „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека утре ќе биде отворен реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје, кој ќе биде модерен објект со современи услови за сместување на студентите. Набргу, рече тој, се очекува отворање и на домот „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје. Двата се реновираа речиси две години во рамките на планот за етапна реконструкција на сите студентски домови во државата.
– Многу бргу ќе биде и вториот студентски дом „Кузман“, но исто така и сите студентски и ученички домови и веќе е почнат тој процес на нивна реконструкција и обновување. Нешто што со децении не било направено. Има многу работи што треба да се направат. Приоритет по приоритет, еден по еден, тие приоритети ги решаваме – рече Мицкоски.
Премиерот посочи дека во образовната инфраструктура Владата во изминатите 26-27 месеци има инвестирано повеќе од 90 милиони евра, од кои, рече, половина се директно од Министерството за образование и наука во делот на студентските домови.
– И приближно уште 45 милиони евра преку АА-програмата, односно преку оној проект на децентрализирање средства од централниот буџет кон општините се наменети за проекти во образованието, реконструкција на основни и средни училишта. Инвестициите се огромни и тоа претставува приоритет на оваа Влада – изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на капиталниот проект на АД ЕСМ за трета фаза од ревитализацијата на хидроелектраните.